Линкови за пристапност

Зборот Ром значи човек: Децениска борба на Ромите за еднаквост во општеството


„Сите денови да се бориме и тежнееме, ама за 8-ми Април да се радуваме, бидејќи тогаш се родивме“, напиша етнологот и истражувач на ромската култура Даниел Петровски во рамките на пораките што успешни уметници, професори, претприемачи Роми ги упатија по повод 8-ми Април, Светскиот ден на Ромите

Пред педесет години, на Првиот меѓународен Ромски конгрес во Лондон беше воведен терминот Ром, за именување на милионска ромска популација низ светот. Зборот Ром, етимолошки, на ромски јазик, означува „човек“.

Сепак, и покрај донесените одлуки за знаме, химна и за официјален јазик, Ромите, како што истакнуваат бројни организации за заштита на човековите права, и натаму низ светот се соочуваат со дискриминација.


„Сите денови да се бориме и тежнееме, ама за 8-ми Април да се радуваме, бидејќи тогаш се родивме“, напиша етнологот и истражувач на ромската култура Даниел Петровски во рамките на пораките што успешни уметници, професори, претприемачи Роми ги упатија преку институтот „Ромалитико“, по повод 8-ми Април, Светскиот ден на Ромите.

На овој ден, кога низ светот се одбележува ромската култура, продолжуваме со долгогодишната борба за подобар и подостоинствен живот на Ромите и потсетуваме на системската дискриминација со која тие секојдневно се соочуваат
Хелсиншки комитет за човекови права


Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска излезе со соопштение дека расизмот и дискриминацијата и натаму се главен белег во односот кон ромското население во земјава.

„На овој ден, кога низ светот се одбележува ромската култура, продолжуваме со долгогодишната борба за подобар и подостоинствен живот на Ромите и потсетуваме на системската дискриминација со која тие секојдневно се соочуваат. Оттука, неизбежно е да се навратиме на случаите на расно профилирање, полициска бруталност и нееднаков однос кон припадниците на оваа заедница на многу нивоа во нашето општество, што се случуваа во изминатава кризна година“, се вели во извештајот.


Од Хелсиншкиот комитет укажуваат дека Ромите се соочуваат со нееднаков третман и грижа за заштита од пандемијата.

„Имајќи предвид дека последиците од пандемијата особено можат да ја погодат ромската заедница, како на социјален, така и на економски план, неопходно е носење посебни мерки за помош и солидарност кои ќе ги адресираат специфичните околности во кои живеат Ромите“, велат од Хелсиншки.

Од организацијата потсетуваат и на случаите на полициска бруталност врз припадниците на ромската заедница во текот на изминатата година, како и на случајот со групата ромски музичари кои беа одведени на карантин во несоодветни услови на воениот полигон Пепелиште.

Наместо од државата, ранливите семејства добиваа хуманитарни пакети од невладини организации и од некои општини
Амнести интернешнл


Извештајот на Хелсиншкиот комитет е надоврзување на неодамнешниот извештај и од Амнести интернешнл, а во кој стои дека во текот на минатата година Ромите во Северна Македонија биле дискриминирани во процесот на доделување финансиска помош од државата за справување со Ковид-19.

„Наместо од државата, ранливите семејства добиваа хуманитарни пакети од невладини организации и од некои општини“, стои во извештајот на Амнести интернешнл за односот кон ромската популација.

По повод 50-годишниот од Првиот светски ромски конгрес, денеска се одржаа минијатурни свечености низ земјата, а пред зградата на Владата беше истакнато и ромското знаме.

Имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани
Стево Пендаровски, Претседател на С.Македонија


Свои пораки до ромските сограѓани упати целиот државен врв, како и дел од лидерите на политичките партии.

„Педесет години по Првиот ромски конгрес имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани подеднакво во донесувањето на одлуки за важни суштински прашања за нашата држава“, стои во пораката што ја упати претседателот Стево Пендаровски.

Тој додаде дека пандемијата било потсетување дека сите се подеднакво ранливи.

„Пандемијата нè потсети дека сите сме ранливи, а најмногу страдаат оние што се на маргините од општеството“, се вели во пораката од Пендаровски.


Премиерот Зоран Заев, пак, во честитката истакна дека стратешките определби на Ромите се и државни цели на Северна Македонија.

„Ромите во нашата земја имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствена интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Имаме политичко претставување на Ромите во Владата, во Парламентот, во општините, во институциите и пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт“, порачува Заев и додава дека владата ќе го зголеми буџетот наменет за забрзана интеграција на Ромите во општеството.


Порака упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Сите граѓани на Република Македонија заслужуваат подобар живот и сигурна иднина. Ромите денес ја немаат потребната поддршка од државата, напротив тие како и сите други граѓани го живеат ова тешко секојдневие на сиромаштија, нееднаквост и разградување на институциите. Подобрувањето на економскиот стандард на граѓаните, вклучително и на припадниците на ромската заедница, ќе остане врвен приоритет и во иднина за ВМРО-ДПМНЕ“, истакнува лидерот на најголемата опозициска партија.

Честитка дојде и од Амбасадата на САД во Скопје, а во која се истакнува улогата на богатото културно наследство на Ромите во одбележувањето на светската култура. Од амбасадата објавија и фотографии од проекти и настани за организирани со ромските организации во Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG