Линкови за пристапност

Иловица: Вознемирените активисти блокираат и археолошки ископувања?


На падините на планината Огражден, група активисти со жив ѕид и моторни возила го блокираше патот до рудникот Иловица – Штука. “Нема да дозволиме никому да има рудник над нашите глави“, порача организацијата „Здрава котлина“

Незадоволни од неисполнувањето на предизборното ветување на владејачката СДСМ, активистите од струмичкиот регион,рано утрово, ги блокираа струмичките археолози и работниците на концесионерот на рудникот Иловица – Шутка.

„Денес го спроведуваме во дело она што подолго време го зборувавме и за кое предупредувавме дека нема да дозволиме никому, по ниту една цена никогаш-да има рудник над нашите глави“, порача организацијата „Здрава котлина“, покрај објавеното видео и најавата дека блокадите и отпорот ќе продолжат сè додека Владата не ја одземе концесијата за Иловица-Штука, кого активистите го нарекуваат „рудник на смртта“.

Недовербата на граѓаните на овој крај кон државните институции и недостатокот официјални информации, ги подгрева шпекулациите и ги мотивира жителите да најавуваат и „народен бунт“.

„Денес во 5 часот, на падините на планината Огражден, група активисти со жив ѕид и моторни возила го блокираше патот до ‘рудникот на смртта’ Иловица - Штука. Со ова, започнува нова фаза од нашата борба со употреба на жив ѕид и блокади на сите теренски активности на концесионерот кој веќе три годнини оперира со истечена концесија. Вчера, на собир на граѓани во Иловица се донесе решение за блокада и денес ја спроведуваме… Ја предупредуваме ‘Еуромакс’ да ја разбере пораката, а посебно, испраќаме порака до Владата во најскоро време да го донесе потребното решение и согласно законите да биде одземена концесијата за ‘рудникот на смртта’”.

Утрово им бил блокиран приодот на археолозите на Заводот за заштита на споменици и Археолошкиот музеј од Струмица и на ангажираните работници на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, а присутните граѓани потенцирале дека ќе протестираат и блокираат сè додека не се прогласи мораториум на отпочнатите активности и не му се одземе на инвеститорот истечената концесија.

Граѓаните бараат одговор од Владата и од Министерството за култура за причините за издавање на дозволи за археолошки ископувања на струмичкиот Музеј, кои според дел од медиумите, со 100.000 евра ги плаќа концесионерот.

Скептични поради пролонгирањето на решението кое владечката СДСМ го ветуваше додека беше во опозиција, жителите на загрозениот крај, изразуваат стравување дека и зад археолошките ископувања всушност се затскриваат подготовки за евентуално отворање на рудникот.

Минатата недела, на социјалните мрежи беше објавено дека Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Струмица и концесионерот ангажирале археолози, за истражувања на теренот пред отворање на рудникот за бакар и злато, а вчера,дел од активистите реагираа дека им било ограничено слободно движење по теренот од претставници на приватна компанија за обезбедување, со образложение дека се работи за приватен имот.

Претходно, претставници на здруженијата „Здрава котлина“ и „Екодолина“ и локални жители имале состанок со претставници на Заводот – музеј, на кој, според реакциите на социјалните мрежи и медиумските извештаи имало и тензична полемика.

„Битно е да нагласиме дека народот рапидно ја има изгубено довербата во институциите, бидејќи досега, на сите блокади, протести, алармни каравани, дискусии, укажувања, и покрај истечената концесија и некомплетноста на документацијата на инвеститорот, институциите продолжуваат да молчат“, го пренесоа медиумите ставот на активистите.

Директорот на Музејот, Ацо Манински, пак, истакна за медиумите дека пред да се почне со експлоатација на рудата, музејот започнал со подготвителни археолошки ископувања на просторот на концесијата на рудникот, финансирани од компанијата-концесионер, дека ископувањата ќе траат два месеца, а дека дури потоа, во зависност од наодите, ќе биде даден предлог на државниот Завод за заштита на културното наследство – за понатамошните постапки.

Тензиите не се смируваат, а властите засега молчат. Минатиот месец активистите организраа и протестен моторизиран караван против рудникот, низ Струмица и соседните населени места во должина од 60-тина километри, како најава за можната целосна блокада на Југоисточниот регион, ако „Владата на премиерот Заев не ги уважи законите и јасно изразената воља на граѓаните за стопирање и одземање на истечената концесија за рудникот Иловица-Штука“.

И во средината на мај, екоактивистите го повикуваа премиерот кој потекнува од струмичкиот крај, да реагира и го потсетуваа дека само неколку месеци пред тоа, во исполнетата спортска сала во Иловица, граѓаните од регионот во негово присуство се изјасниле против рудникот

„Зарем вашето семејство, роднини, пријатели, познаници и сограѓани нема да ги трпат последиците од рудникот? Каде е вашето родољубие и борба за својот роден крај?Или, сето тоа станува неважно? Неважна ли станува природата и изворот на живот пред профитот?! И сега, нови агонии, нови продолжувања, купување време... до кога мислите дека ќе нè држи трпението?!? Владата има обврска да го раскине договорот уште од 2016. Зошто сè уште не го раскинува? Ставете крај на ова лудило, инаку многу лесно настаните може да ескалираат и тоа не по наша вина!“, порачаа минатиот месец борците за заштита на животната средина.

Организацијата „Здрава котлина“ на 14 мај ја извести јавноста дека претходниот ден и официјално „Еуромакс Рисорсис“ го продал контролниотпакет акции на швајцарската компанија „Трафигура“, а Европската банка за обнова и развој - ЕБРД со соопштение, го пролонгирала рокот за побарување на долговите на „ЕуромаксРисорсис“до фебруари 2021 година, задржувајќи 10% од акциите на концесионерот. Активистите тогаш јавно поставија прашање, зошто Владата не ја известила компанијата-купувач дека планира да ја одземе концесијата.

XS
SM
MD
LG