Линкови за пристапност

Разурнувачки и опасен по живот: Ураганот Доријан со ветришта од 270 километри на час


Според досегашните информации од Меѓународниот црвен крст и од властите во Бахами, оштетени или целосно уништени се речиси 13.000 домови

Ураганот Доријан ги погоди Бахамите со ветришта од 270 километри на час. Метеоролозите го оценија како разурнувачки и опасен по живот. Според досегашните информации од Меѓународниот црвен крст и од властите во Бахами, оштетени или целосно уништени се речиси 13.000 домови.

Американскиот центар за урагани соопшти дека Доријан се движи бавно, со брзина од два километри на час, што, според објаснувањата, е причина за големите разурнувања на копното.

Премиерот на Бахами го оцени вчерашниот ден како најлош во неговиот живот, а истакна и дека има многумина што не успеале навреме да се засолнат на безбедно.

Властите во сојузните држави на југоисточниот брег на САД издадоа наредби за итна евакуација во делови од Флорида, Џорџија и во Јужна Каролина.

Од дивизијата во Флорида за менаџирање на вонредни ситуации соопштија дека Доријан е најголемото невреме што му се заканува на источниот брег.

Националниот центар за урагани истакна дека е можно да се намали силата на ураганот и во следните денови тој да тргне кон север и североисток. Сепак, засега се прогласени предупредувања речиси на половина од територијата на Флорида на источниот брег. Очекувањата се дека ураганот таму ќе удри доцна вечерва.

Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа своето патување во Полска, за, како што истакна, да ја следи ситуацијата околу невремето. Тој ја посети Агенцијата за вонредни ситуации, нагласувајќи дека е неопходно навремено да бидат предупредени и евакуирани жителите што се наоѓаат во кризните подрачја.

Метеоролозите предвидуваат дека Доријан во текот на оваа недела ќе го погоди поголемиот дел од атлантскиот брег на САД, меѓу кои Џорџија, Јужна и Северна Каролина и Вирџинија. Во реонот на Њу Џерси се очекуваат обилни врнежи.

XS
SM
MD
LG