Линкови за пристапност

После долг период: Деноноќие без ново-хоспитализирани пациенти од „ковид-19“


Низ ковид-центрите во Скопје и низ другите градови има вкупно 141 пациент, и тоа 58 во главниот град и уште 83 во другите општини. Во изминатите 24 часа оздравеле осум пациенти што биле болнички згрижени

После подолг период, во ковид-центрите низ Северна Македонија во изминатите 24 часа немало прием на новохоспитализирани пациенти со компликации од ковид-19, соопштија од Министерството за здравство.

Низ ковид-центрите во Скопје и низ другите градови има вкупно 141 пациент, и тоа 58 во главниот град и уште 83 низ другите општини. Во изминатите 24 часа оздравеле осум пациенти што биле болнички згрижени.


Во изминатите денови бројот на приеми на нови пациенти се намалил и утрово до 8 часот имало 87 слободни места, а според очекувањата од ресорното министерство, во текот денот е можно да се ослободат уште места на инфективните одделенија.

Во Ковид-центарот на Институтот за туберкулозни и белодробни заболувања се лекуваат осум пациенти, во „Осми Септември“ има 18 заболени лица, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се лекуваат 32 пациенти со симптоми на ковид. Повеќето од згрижените се на кислородна поддршка.

Од другите градови, најмногу хоспитализирани има во Куманово, 21 лице, по што следи Охрид со 11 пациенти. Во ковид-центарот во битолската болница се хоспитализирани осум лица, во Штип девет, во Тетово има шест пациенти, во Велес се лекуваат 8 болни, во Прилеп 6. Во Гостивар и Струга има по 3 пациенти, додека во болницата во Струмица се хоспитализирани шестмина, и двајца во Кичево.


До сега вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 15.756 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.067 граѓани.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 437.339 граѓани. Со последните бројки 47% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, додека 41% од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.

XS
SM
MD
LG