Мозаиците во епископската резиденција на локалитетот Хераклеа Линкестис немале пообемен конзерваторски зафат уште од шеесеттите години од минатиот век. Како последица денес дел од мозаикот е пропаднат и после секој поголем дожд останува под вода.
„Понекогаш тие зафати биле помали, некогаш поголеми, нееднакви, понекогаш и воопшто ги немало во некои периоди. Така што, сето тоа си се одразува врз квалитетот на она што е презентирано на локалитетот“, објаснува Енгин Насух, Советник кустос-археолог.
Понекогаш тие зафати биле помали, некогаш поголеми, нееднакви, понекогаш и воопшто ги немало во некои периоди. Така што, сето тоа си се одразува врз квалитетотЕнгин Насух, Советник кустос-археолог
Според управата на локалитетот, средствата што доаѓаат од министерството за култура, не секогаш се доволни за пообемен конзерваторски зафат.
„Имајќи во предвид што на годишно ниво и на ниво на целата држава се одвојува за заштита на културното наследство, вклучително и археолошките локалитети, не можеме да зборуваме за некоја темелна пристапност од аспект на годишно ниво“, вели Мери Стојанова, Директорка на Националната установа, „Завод и музеј“ - Битола.
Во недостаток од домашни средства, можноста се бара кај странските фондови. После два обида на „Завод и музеј“ - Битола под чија надлежност е локалитетот, годинава е доделен грант од 100.000 долари за конзервација и реставрација на еден дел. Средствата доаѓаат од САД, од таканаречениот Амбасадорски фонд.
Беа изработени проектите и конзерваторските истражувања кои се однесуваат и на конзервација на мозаиците и конзервација на архитектурата. Обезбедени се соодветни дозволи и во најскоро можно време планираме да започнемеМери Стојанова, Директорка на НУ „Завод и музеј“ - Битола
„Беа изработени проектите и конзерваторските истражувања кои се однесуваат и на конзервација на мозаиците и конзервација на архитектурата. Обезбедени се соодветни дозволи и во најскоро можно време, во зависност од временските услови, планираме да започнеме со реализација на дел од тие активности“, додава Стојанова.
Со парите е предвидена конзервација на мозаиците и на архитектурата во епископската резиденција, на јужниот ѕид , како и на градската чешма. Рокот за завршување на работите е две години.
„Три објекти коишто во голема мера ќе го сменат ликот на локалитетот со својата конзервација и презентација. А и се добра појдовна основа за понатамошна стратегија за конзерваторско делување врз локалитетот“, истакнува кустосот Насух.
Одржувањето на локалитетите во целата држава стана сериозен предизвик. Според познавачите, веќе е неопходно поангажирано барање средства.
„Треба да ги согледаме сите можности. Археолошките локалитети, меѓутоа и сите институции од културата може да ги обезбедат по сите основи. Било да е тоа преку изнајмување простор, било да е тоа зголемување на туристичката понуда од аспект на специфични тури, од аспект на сувенири, на различни рекламни материјали. И многу други активности со кои ние, на иституционално ниво, на локално, па и на национално, би можеле да привлечеме поголем број туристи и на тој начин и повеќе финансиски средства за поединечните институции“, укажува директорката Стојанова.
Со сличен став и кустосот од локалитетот.
„Од друга страна, сметам дека ако овој проект успешно се реализира, тоа ќе ги поттикне и донаторите, но и нашите институции и останати локалитети, да се вклучат во аплицирање за странски средства за своите споменици на културата и со тоа ќе се подобри целата ситуација во државата“, истакнува Насух.
На Хераклеа Линкестис во најдобрите години имало и по 25.000 туристи годишно. Поради пандемијата таа бројка лани паднала само на 500. Сепак, од „Завод и музеј“ - Битола веруваат дека со новите зафати, посетителите бргу ќе се вратат.