Линкови за пристапност

Гласот на Америка откри нелегално однесување


Петнаесет лица од Хауса сервисот во Африканската дивизија се отпуштени или предложени за отпуштање од работа по истрагата што открила примање поткуп

Гласот на Америка во четвртокот отпушти или предложи да бидат отпуштени повеќе од половина вработени во јазичен сервис откако истрагата утврди дека поединци не се однесувале во согласност со етичките правила на организацијата наплатувајќи ги услугите од странски служби во Западна Африка.

Аманда Бенет, директорка на медиумската организација која е финансирана од владата, за потегот во Агенцијата ги извести вработените во Гласот на Америка преку електронска пошта. ,,Со тешко срце морам да ве известам дека отпуштивме или (согласно со сите применливи федерални закони и прописи) предложивме да бидат отпуштени 15 членови од нашиот сервис на Хауса јазикот”, напиша таа.

Бенет истакна дека акцијата е преземена по истовремена истрага од страна на персоналот на Гласот на Америка и Канцеларијата на Генералниот инспектор на ,,наводите за несоодветно однесување на членови на сервисот, што вклучувало и примање на несоодветни плаќања од претставник во областа која ја покривале.”

Информациите на сервисот неделно стигнуваат до 20 милиони луѓе, пред се` во Нигерија, но исто така и во Нигер, Гана, Чад и Камерун.

На 15 вработени, во четвртокот наутро во седиштето на Гласот на Америка им биле одземени идентификациите за влез во зградата и им било врачено писмено известување за преземената мерка.

Поединци во Одделот за Африка на Гласот на Америка велат дека истрагата не нашла докази дека нелегалните наплати влијаеле на некоја од програмите. Како и да е, Бенет во соопштението вели дека ,,одделна истрага се спроведува за да се утврди дали имало негативно влијание на некоја од програмите на Гласот на Америка и ако имало, ние ќе се справиме со тоа веднаш и транспарентно”.

Висок официјален претставник на Гласот на Америка соопшти дека сите наводни плаќања, откриени со неколку месечната истрага, биле направени во или во близина на главните канцеларии на Гласот на Америка во Вашингтон, и тоа во една прилика, порано годинава.

Таа не ги коментираше сумите кои биле плаќани. Наводно, не е невообичаено во Нигерија високи претставници да дистрибуираат ,,кафени пликови” со готовина за време на прес конференции и тоа е пракса документирана од Емитувачкиот борд на гувернери и други организации.

Директорот на Одделот за Африка Негуси Менгеша вели дека вработените во Гласот на Америка ,,јасно разбираат дека тоа не е дозволено”.

Официјален претставник на Амбасадата на Нигерија во Вашингтон одби да ги коментира отказите и суспензиите, велејќи дека тоа е внатрешна работа на Гласот на Америка.

По преземената мерка во сервисот само 11 вработени останале да прават програма за радиото и телевизијата. Радио програмата е 16 часа неделно, а телевизиската 30 минути неделно, и Менгеша вели дека намерата е да се задржи програмскиот распоред.

Во нејзината емаил порака до вработените во Гласот на Америка Бенет го пофали раководството на Африканската дивизија кои веднаш ја поддржале истрагата и соработувале во донесувањето на тешките одлуки во врска со случајот. „Тие како и сите ние, се целосно посветени на највисоките стандарди и нема да толерираат нивно кршење“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG