Линкови за пристапност

Заев од Пелинце: Нашиот трет Илинден се членството во НАТО, стремежите за ЕУ, просперитетот


Секогаш бевме и осануваме на сончевата страна на мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти. Ние денеска со нашите соседи градиме „Отворен Балкан“. Тоа е нормална и очекувана иницијатива по историскиот Договор од Преспа, рече премиерот во обраќањето од Пелинце по повод 2-ри Август

Континуитетот во остварување на нашите стратешки цели, како наш трет Илинден, е и нашето членство во НАТО и нашиот стремеж за остварување на вториот стратешки приоритет – членството во ЕУ. Ова, меѓу другото, го истакна премиерот Зоран Заев на неговото обраќање од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, по повод празнувањето на 2-ри Август.


Премиерот се осврна на вредностите искажани во Крушевскиот менифест и на придобивките од Првото заседание на АСНОМ.

„Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Во генетскиот запис на нашата држава се запишани духот на Крушевскиот манифест и на документите од Првото заседание на АСНОМ. Декларацијата на АСНОМ е декларација за универзалните слободи и права на граѓаните и за цивилизациските вредности“, рече Заев.

Претседателот нагласи дека Илинден на новата генерација е независноста прогласена на 8 септември 1991 година.

„Оваа година одбележуваме три децении од независноста, со единствен желба – нека е вековита. Нашиот трет Илинден е печатот ставен на Северна Македонија во ОН, како држава во која официјален и службен е македонскиот јазик. Нашиот трет Илинден е и нашата борба и победа на демократските над декадентските вредности, победата на парламентаризмот и на дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството“, истакна Заев, повикувајќи на единство и слога во остварувањето на државните интереси.


Во својот говор се осврна и на неодамна потпишаната иницијатива Отворен Балкан, како и за актуелниот спор со Бугарија.

„Секогаш бевме и осануваме на сончевата страна на мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти. Ние денеска со нашите соседи градиме „Отворен Балкан“. Тоа е нормална и очекувана иницијатива по историскиот Договор од Преспа, како позитивен преседан во историјата на дипломатијата. Јас сум убеден дека Бугарија е пријател и дека е многу блиску е денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за С Македонија. Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи и од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери, кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат – во интерес на своите народи“, рече премиерот.


Одбележувањето на 2-ри Август ќе заврши со манифестација на Мечкин камен, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Според најавената програма, извадоци од Крушевскиот манифест и порака по повод празникот ќе упати актерот Никола Ристановски. Притоа ќе настапат и ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот за албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и воениот оркестар на Армијата.

XS
SM
MD
LG