Линкови за пристапност

Џафери од Скопје: Илинден и АСНОМ се симбол за мултиетничкото и мултикултурното заедништво на државата


Па зарем тоа (Резолуцијата за црвените линии) не е потврда дека имаме взаемна почит, водиме заедничка битка за одржувањето во живот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото, рече претседателот на Собранието по повод чествувањето на Илинден во Скопје

Двата Илиндена се два столба врз кои се темелат државотворноста и заедништвото на Република Северна Македонија, нагласи меѓу другото претседателот на Македонското собрание, Талат Џафери.

Неговото обраќање беше пред Собранието, во близина на споменикот на Никола Карев, каде се одржа главната свеченост во Скопје по повод чествувањето на 118 години од Илинденското востание и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Ако го погледнеме Крушевскиот манифест, ако ги погледнеме документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, во кои јасно се дефиниран е мултиетничкиот, мултикултурниот, мултиконфенсионалниот карактер на нашата држава
Талат Џафери, претседател на Македонското собрание


„Ако го погледнеме Крушевскиот манифест, ако ги погледнеме документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, во кои јасно се дефиниран е мултиетничкиот, мултикултурниот, мултиконфенсионалниот карактер на нашата држава. И ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа само го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената природна и крајно остварлива цел, а тоа е заеднички дом за сите со јасна визија и мудрост“, истакна Џафери.

Тој укажа дека Денот на Републиката е ден за одржувањето на заемна почит и соработка, со прифаќање на идентитетските обележја на секоја од заедниците.


„Низ годините не беше лесно да се опстане. Не беше лесно да се одржи ниту економската стабилност. Северна Македонија, колку и да е мала по територија има важно геостратешко значење“, рече Џафери.

Претседателот на Собранието додаде дека државата е симбол за меѓусебно почитување во регионот. Се осврна и на актуелниот спор со Бугарија.

„Искуството нè поучи дека единствено отворениот и искрен дијалог е вистинскиот начин за постигнување заеднички прифатливо решение“, истакна Џафери.


Тој потсети и на едногласното донесување на Резолуција за чување на националните обележја како пример за заедништвото во земјата.

„Па зарем не е тоа потврда дека имаме взаемна почит, водиме заедничка битка за одржувањето во живот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото“, нагласи Џафери.

Одбележувањето на Денот на републиката ќе заврши вечерва во 18 часот со манифестација на Мечкин камен, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

XS
SM
MD
LG