Линкови за пристапност

Еден ден со селекторот Влатко Андоновски: Како е да се води репрезентацијата на САД во женски фудбал?


Андоновски, ексклузивно за Гласот на Америка, зборува за неговиот пат до челната позиција на најтрофејниот национален тим во женски фудбал во светот

Посветен на задачите и решителен да успее. Тоа е впечатокот за Влатко Андоновски, првиот Македонец што застана на селекторското кормило на најуспешниот тим во женски фудбал во светот – репрезентацијата на САД. Новата улога ја гледа како животен предизвик.

“Возбудливо. Многу сум возбуден и среќен што имам можност да бидам тренер на оваа репрезентација”, објаснува пред камерата на Гласот на Америка.

Еден ден со селекторот Влатко Андоновски: Како е да се води репрезентацијата на САД во женски фудбал
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00


Со Влатко се најдовме на Флорида. Таму одржа тренинг камп со фудбалерки што допрва треба да влезат во А тимот на селекцијата. Свесен е за тоа што американската јавност го очекува од него, особено ако се знае дека тимот на САД е четирикратен светски шампион.

Jас лично си го поставив тоа што цела Америка си го постави пред себе. За репрезентација со квалитет како Америка, сè друго освен победа е неприфатливо


“Јас лично си го поставив тоа што цела Америка си го постави пред себе. За репрезентација со квалитет како Америка, сè друго освен победа е неприфатливо. На сите им е јасно, не само на мене дека, сè друго, освен победа, нема да биде задоволително”, вели Влатко.

Тренингот го водеше заедно со помошниците тренери. Внимателно го следеше секој потег на фудбалерките од кои се бара исклучителен квалитет. Сака да воведе стил на игра со кој ќе се наметнат над другите.


“Сега сме на прво место, сега сме најдобри. Но, ако останеме тука каде што сме, нормално дека многу други репрезентации ќе нè преминат. Не е дека само ние работиме, а другите стојат. Многу е битно да еволуираме како екипа со трендовите што постојат, но да бидеме и трендсетери”.

Ова негово познавање на играта на американскиот тим не е случајно. Во САД пристигнал пред 19 години и почнал прво во мал фудбал. Потоа патот го води во професионалниот американски женски фудбал, каде двапати беше прогласен за тренер на годината. Вели дека е сосема исто дали работи со фудбалери или фудбалерки.

“Нема големи разлики кога се работи за тактичкиот пристап и подготовка. Секако, физичката подготвеност е различна. Сè друго е исто”, нагласува Влатко.

Но, и покрај големите планови и задачи со новата улога, не ги заборава деновите во македонските тимови, Вардар, Скопје, ФЦУ, Работнички, Македонија Ѓорче Петров.

“Многу убави години. Уживав во работата со играчите, со тренерите. Последните неколку години со Македонија Ѓ.П. имавме неколку пати можност да излеземе на европска сцена, што беше огромно искуство за мене во тој период. Нормално дека ми недостасуваат играчките години генерално, но посебно тие во Македонија”.

Посакува и македонската репрезентација конечно да се појави на големо меѓународно натпреварување.

“Самиот факт дека имаме можност да се натпреваруваме на европско првенство, што една победа нè дели од Европско првенство, е многу позитивно”.


За крај го прашавме и дали би ја тренирал македонската репрезентација.

“Сега, во оваа ситуација главен фокус ми е американската репрезентација. Би сакал да останам тука најдолго што можам. Одлична е организацијата, најдобри се во свет и поддршката што ја имам од Федерацијата и од јавноста е нешто што во мигов ми оди во прилог”.

На Влатко и репрезентацијата им следат квалификации за олимписките игри догодина. Им посакуваме успех и нему и на тимот.

Во продолжение, целиот разговор со Влатко Андоновски.

XS
SM
MD
LG