Линкови за пристапност

За илинденците и борците за слобода: Македонските граѓани го слават Илинден – Денот на Републиката


Со поделени ставови меѓу власта и опозицијата и годинава ќе помине централното одбележување на Илинденското востание кај месноста Мечкин камен. Делегација од ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде кај Мечкин камен, но многу порано од централниот настан што е под покровителство од претседателот Пендаровски.

Со говори, манифестации, партиски делегации, положување цвеќе, денеска низ повеќе краишта низ државата се одбележува Илинден, Денот на републиката. Се слават два Илиндена, Востанието во 1903 година против Османлиите и првото заседание на АСНОМ, во 1944 година, со кое се поставени темелите на македонската државност.

Главните манифестации ќе се одржат на три локации, Крушево, Пелинце и Скопје. Новитет годинава е сменетиот концепт на централната прослава на Мечкин камен. Како што најави претседателот Стево Пендаровски, таа ќе почне од 18 часот и првпат ќе биде без обраќања од претставници од државниот врв.


Според најавата, ќе се емитува видео материјал, извадоци од Крушевскиот манифест и порака по повод празникот ќе упати актерот Никола Ристановски. Притоа ќе настапат и ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот за албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и воениот оркестар на Армијата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го критикуваа тој концепт за прослава, при што лидерот на партијата, Христијан Мицкоски го спореди со циркуски церемонијал на кој, како што истакна, тие нема да присуствуваат. Нивна делегација ќе има на Мечкин камен, ќе ја предводи партискиот потпретседател, Александар Николовски, но ќе присуствуваат во претпладневните часови, многу порано од времето предвидено за централниот настан, што ќе се одржува под покровителство на Пендаровски.


Мицковски, пак, свое обраќање ќе има во струшкото село Ташмаруништа и дека таму ќе одржи говор.

На Мечкин камен, владата ќе ја претставува премиерот Зоран Заев, а најавено е присуство и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Чествувањата ќе почнат во Скопје од 9 часот. Делегација предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто и на президиумот на АСНОМ. Главниот настан ќе биде пред споменикот на Никола Карев, кај Македонското собрание, при што во чест на претседателот на десетдневната Крушевска република свое обраќање ќе има актуелниот претседател Собранието, Џафери.

Одбележувањето на празникот потоа продолжува кај Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија-АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Свое обраќање на таа локација ќе има премиерот Зоран Заев. Тој ќе биде придружуван од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Владината делегација ќе ја сочинуваат и вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

XS
SM
MD
LG