Линкови за пристапност

Виртуелни обраќања, мали делегации и куси средби: Пендаровски во Њујорк на Генералното собрание на ОН


Годинава делегациите што ќе присуствуваат во зградата на ОН се во скусени состави, заради запазување на мерките за заштита од ковид. До говорниците се упатени барања за пократки обраќања

Виртуелни обраќања, мали делегации и куси средби: Пендаровски во Њујорк на Генералното собрание на ОН

Претседателот Стево Пендаровски од денеска престојува во Њујорк, САД, каде од утре, па до 27 септември ќе се одржува главната дебата на 76. Генерално собрание на Обединетите нации.


Пендаровски своето обраќање во рамките на пленарната сесија треба да го има на 23 септември. Годинава дебатата ќе биде на тема „Градење отпорност преку надеж – опоравување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.

Поради актуелната ковид-пандемија, земјите учеснички на Генералното собрание ќе одржат виртуелен глобален самит на тема “Крај на пандемијата и закрепнување“.

Годинава делегациите што ќе присуствуваат во зградата на ОН се во скусени состави, заради запазување на мерките за заштита од ковид. А до говорниците се упатени барања за пократки обраќања од вообичаено. Се очекува да учествуваат стотина шефови на држави, претседатели на влади и високи владини и државни претставници.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Во план се и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.


Во придружба на претседателот е и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска. Таа ќе се обрати на настан посветен на борбата против родовото насилство, ќе одржи предавање на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот Колумбија и ќе го посети училиштето за деца со посебни потреби „Jesse J. Kaplan“, во близина на Њујорк.

Предвидени се средби и со претставници од македонската дијаспора во САД.

Минатата година, Генералното собрание на ОН, првпат во историјата се одржа целосно виртуелно.

XS
SM
MD
LG