Линкови за пристапност

Македонското претприемништво се раздвижува, нови бизнис идеи за екологија, образование, здравство


Сè повеќе млади бараат поддршка за уникатни бизнис идеи. Фокус на интерес веќе не им е само ИТ секторот. Разговаравме со раководителката на секторот за стратешко планирање во Фондот за иновации и технолошки развој.

Екологија, образование, здравство, се дел од индустриите што сè повеќе го привлекуваат вниманието на младите македонски претприемачи. Информатичката технологија и натаму преовладува, но интересот за почнување иновативен бизнис и во другите стопански гранки значително расте.

Македонското претприемништво се раздвижува, нови бизнис идеи за екологија, образование, здравство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00


„Покрај IT секторот, многу се застапени проекти од страна на технолошката индустрија, машинство, градежништво, екологија, образование, здравство“, истакнува Тања Илијевска, раководителката на Сектор за стратешко планирање во Фондот за иновации и технолошки развој.

Старт-ап компаниите кај нас во поголем процент се основани од млади луѓе. Нè радува и фактот што има голем број млади што се образувале надвор и се повратници во Северна Македонија и основаат свој бизнис
Тања Илијевска, Фонд за иновации и технолошки развој.


Од Фондот, кој беше формиран во 2013та година, до сега се поддржани повеќе од 550 проекти, со вкупна вредност од 70 милиони евра.

„Особено нè радува фактот што над 50 отсто од тие проекти, се проекти на старт-ап компании, односно поголемиот дел од портфолиото во Фондот се состои од старт-ап компаниите“, вели Илијевска.

Тоа укажало и дека се зголемил интересот кај младите претприемачи за развој на нови бизнис идеи.

„Старт-ап компаниите кај нас во поголем процент се основани од млади луѓе. Нè радува и фактот што има голем број млади што се образувале надвор и се повратници во Северна Македонија и основаат свој бизнис“.


На последниот конкурс од Фондот, за поддршка на нови бизниси, „Стартапувај 3“, објавен во април годинава, се пријавиле 616 апликанти. Дури 42 отсто од поднесените проекти, се од млади тимови што ја искористиле новата можност – да конкурираат со бизнис-проект, иако сè уште немаат своја фирма.

„Воочивме дека голем дел од апликантите, особено голем дел од младата популација не се одлучуваат да регистрираат фирма за да аплицираат на повикот, бидејќи не се сигурни дека ќе ја добијат финансиската поддршка и дека ќе можат да започнат со работењето. Сите знаеме дека како старт-ап е многу тешко да се обезбеди финансиска поддршка од други извори, односно фондот е единствена поддршка за реализирање на нивната идеја“, истакнува Илијевска.


Проектите ќе одат кај меѓународна комисија.

„Финалната одлука ќе биде донесена од страна на Комитетот за одобрување инвестиции. Станува збор за меѓународни експерти, за личности со големо искуство, особено во поддршка на стартап бизнисите на светско ниво“.


Доколку добијат зелено светло, младите тимови сепак ќе бидат обврзани да формираат фирма. Ќе им следи помош за да го развијат бизнисот, но и строга контрола.

„Детално следење на секоја фактура, на секое плаќање, односно на секој извод од таа сметка, со цел да се забрани ненаменско и несоодветно трошење на средствата“, укажува Илијевска.

Од Фондот за иновации не прецизираат кога ќе бидат готови резултатите од пролетниот конкурс. Сепак, додаваат дека наскоро ќе се знае чии бизнис-идеи ќе добијат поддршка.

XS
SM
MD
LG