Линкови за пристапност

Банките за храна против гладта и сиромаштијата


Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против сиромаштијата - 17 Октомври, активистот Христов истакнува дека „никаде, па ни во Македонија нема стопроцентно решение со кое секој вишок храна ќе биде превземен и поделен на оние на кои истата им е повеќе од потребна“

„За првпат на Балканот, и тоа токму во Република Северна Македонија, престојуваа претседателот на Европската федерација на банки за храна - ФЕБА, Жак Мари Ванденшрик и генералната секретарка Ангела Фриго. Искуството на ФЕБА и најдобрите европски практики беа претставени пред бројните присутни, од речиси сите засегнати страни кои мораат да одговорат на феноменот и на проблемот со расипништвото со храна, наспроти сè поголемата сиромаштија и гладта која е присутна во македонското општество. Присуство на еминентните гости и презентациите побудија значајна дискусија, наспроти претстојното донесување на Закон за донирање на вишок храна, на кој работеше работна група од крајот на февруари до крајот на јули оваа година, а во која во која и ние, како организација, бевме вклучени“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Душко Христов, претседател и извршен директор на Банката за храна МК, по повод минатонеделната тркалезна маса во Скопје


Како дел од проектот ВСС Ефект, финансиран од Европската унија, во организација на здружението „Храна за сите – Банка за храна МК“ и неговите партнери - Организацијата на жени од Струмица, словенечката Банка за храна – СИБАХЕ и Европска федерација на Банки за храна – ФЕБА, минатата недела во Скопје се одржа тркалезна маса на тема „Како да го одржиме системот за донација и редистрибуција на вишок храна”.

Предвидена цел на тркалезната маса беше презентација на добрите практики на ФЕБА и на националните банки за храна ширум Европа, како и дискусија за правата и обврските на сите засегнати страни во процесот на донирање и дистрибуција на вишокот храна – од организации и институции до крајните корисници, и потенцирање на клучните области кои новиот Закон за донирање вишок храна треба да ги регулира.


Соговорникот на Гласот на Америка г. Христов истакна дека говорниците на тркалезната маса од министерствата за земјоделие, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика и од Агенцијата за храна и ветеринарство, истакнале дека информацијата за новиот закон е поставена на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР), и дека се очекува негово скоро усвојување: „Доколку се испочитуваат сите процедури на јавна расправа и носење на закон во парламентот, до пред крајот на оваа година, би имале законско решение кое ќе ја уредува материјата – вишок храна, донирање и дистрибуција до крајните корисници“.

Сепак, Христов не очекува дека целата процедура ќе помине лесно и ќе се почне брзо со неговата реализација, поради тоа што „во законот не се одредија конкретните даночни олесувања и поттикнувања за донаторите – операторите со храна, што допрва ќе се доработува во измените на Законот за донации и спонзорства, а реакциите на бизнис заедницата и нејзиниот став ги очекуваме откако Законот ќе излезе на ‘чистина’!“

Здружението „Банка за храна”, основано во 2011, веќе три години перманентно работи низ Македонија со лицата на кои помошта им е неопходна. Според Христов, состојбата со сиромаштијата на македонските граѓани е алармантна и далеку е поголем бројот на лицата и семејствата кои не се осмелуваат да побараат помош, од оние кои се одважиле на таков чекор. Затоа, основната идеја на активистите од здружението е создавање на систем што ќе ги прифаќа, регистрира и дистрибуира вишоците и донираната храна, од прехранбената индустрија, од синџирите маркети, од фабричките мензи, од рестораните...

Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против сиромаштијата - 17 Октомври, Христов истакнува дека „никаде, па ни во Македонија нема стопроцентно решение со кое секој вишок храна ќе биде превземен и поделен на оние на кои истата им е повеќе од потребна“, но и дека ВСС Ефект проектот има поддршката од Европската делегација во Скопје, како и дека зад иницијативата досега застанале и неколку градоначалници.

„Со гостите од Европската федерација на банки за храна - ФЕБА бевме примени и во Собранието, од потпретседателот Горан Мисовски, но и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. На средбата со Пендаровски добивме силно уверување дека тој и неговиот кабинет ќе се вклучат и дадат силна поддршка на овие процеси, особено во делот на борбата против фрлањето храна наспроти сиромаштијата и гладта во нашата држава“, изјави Христов за Гласот на Америка на македонски јазик..


И на Фејсбук страницата на претседателот Пендаровски, беше објавен неговиот став: „На средбата со претставниците на Европската федерација на банки за храна, каде членува и македонската Банка за храна, се согласивме дека секој од нас треба да биде солидарен, да дава, да ја споделува храната која инаку би била фрлена. Јас и мојот кабинет ќе ја подржиме секоја иницијатива и акција за донирање на вишок храна“.

XS
SM
MD
LG