Линкови за пристапност

Федерални резерви на САД: Можно е кратење на краткорочните каматни стапки


Шефот на Федералните резерви истакна дека неизвесноста околу трговските тензии ја отежнува американската економија

Џером Пауел, шефот на Федералните резерви на САД, укажа дека е можно да дојде до кратење на краткорочните каматни стапки, поради слабеењето на глобалната економија и континуираната нестабилност во трговската политика.

Пауел денеска до Конгресот го достави полугодишниот монетарен извештај и сигнализираше дека е можно централната банка да ги намали каматните стапки, првпат после речиси една декада.

Пауел рече дека „неизвесноста околу трговските тензии и загриженоста за моќта на глобалната економија, продолжуваат да ги отежнуваат економските перформанси на САД“.

Пред Комитетот за финансиски услуги, тој соопшти дека кратењата може да дојдат кон крајот на овој месец, после состанокот во Федералните резерви.

Според Пауел, пазарот на труд во САД и натаму е цврст, а потрошувачката е стабилна. Сепак, инвестициите бележат намален пораст.

Тој додаде и дека намалениот раст кај некоја од странските економии би можел да има влијание врз американската економија.

Референтната федерална стапка во моментов е во опсег од 2,25% и 2,5%. Дел од пазарните аналитичари предвидуваат дека централната банка ќе направи кратења за четвртина процентен поен.

Претседателот Доналд Трамп, своите планови за втор мандат во Белата куќа ги темели на силната економија, но Федералните резерви ги нарекува своја најголема закана.

Трамп ги критикуваше Федералните резерви поради зголемувањето на каматните стапки, истакнувајќи дека на тој начин се забавил економскиот раст.

Пауел не ги спомна критиките од претседателот при предавањето на извештајот, но им се заблагодари на законодавците за овозможената независност на Федералните резерви.

Оваа најважна финансиска институција во САД врши кратења на каматните стапки, кога ќе оцени дека се потребни стимулации за економски раст, преку намалување на трошоците. Тоа поттикнува повеќе задолжувања и инвестиции.

XS
SM
MD
LG