Линкови за пристапност

Аналитичари: Поканата за приклучување во Евроазиската економска унија е трик на Москва


Аналитичари: Повикот за членство во Евроазиската унија е трик на Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Аналитичари: Повикот за членство во Евроазиската унија е трик на Москва

Дел од познавачите на приликите, повикот на Русија го оценуваат како последен обид на Москва да ги спречи евро-атлантските интеграции на регионот

Неодамнешниот повик на официјална Москва, Северна Македонија и Албанија да се приклучат кон Евроазиската економска унија, дел од познавачите на приликите за Гласот на Америка го оценуваат како последен обид на Русија да ги спречи евро-атлантските интеграции на регионот.

Сефер Селими, извршен директор на невладината „Демокраси лаб“ од Скопје, вели дека овој потег на Русија не е случајно избран после француското вето за доделување на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Брисел преку ЕУ и Вашингтон преку НАТО, се единствените алтернативи од кои корист ќе имаат граѓаните, а не олигарсите и авторитарните владетели
Сефер Селими, „Демокраси лаб“


„Повеќе ова го гледам како иронично понижување кон Евроатланските аспирации на овие две држави, отколку како сериозна опција или можност која би била алтернатива за ЕУ. Затоа Брисел преку ЕУ и Вашингтон преку НАТО, се единствените алтернативи од кои корист ќе имаат граѓаните, а не олигарсите и авторитарните владетели“, вели Селими.

Тој додава дека нарушениот кредибилитет на ЕУ, како резултат на историската грешка на францускиот претседател Макрон, создава простор западниот систем на вредности, да добие реален конкурент не само од страна на Русија, туку и од Кина и Турција.

Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски ваквиот потег го оценува како трик и обид на Москва, да влијае врз европската интеграција на земјата.

„Тоа е долготрајна стратегија на Москва со минимален напад односно со максимален резултат тука во обид да ги измеша картите. Русија нема ниту можност, ниту интерес долготрајно да го држи овој регион надвор од НАТО и ЕУ, туку ова е обид за комплицирање на политичката ситуација“, истакнува Арсовски.

Македонија не покажува никаков интерес за некаква соработка со Евроазиската економска унија и тоа е наша грешка, затоа што немањето на алтернативи и врзувањето кон само една опција, како што сме се ние фатиле слепо за ЕУ, обично води во пораз
Ристо Никовски, поранешен амбасадор


Но, поранешниот амбасадор, Ристо Никовски вели дека земјава треба да го следи примерот на Србија, која преговара со ЕУ, а во меѓувреме склучи и договор за трговија со Евроазиската економска унија.

„Македонија не покажува никаков интерес за некаква соработка со Евроазиската економска унија и тоа е наша грешка, затоа што немањето на алтернативи и врзувањето кон само една опција, како што сме се ние фатиле слепо за ЕУ, обично води во пораз. Македонија треба да биде членка на ЕУ, треба да направи сè да стане дел од неа. Но, треба да има соработка и со сите други соодветни светски фактори и организации кои можат да бидат од наша корист, треба да се прави“, вели Никовски.

Инаку постојаниот претставник на Русија во Брисел, Владимир Чизов, истакнал дека Северна Македонија и Албанија повеќе разбирање ќе најдат во Евроазиската економска унија отколку во ЕУ и ги повика да се приклучат во организацијата во која покрај Белорусија се и Русија, Ерменија, Казахстан и Киргистан.

XS
SM
MD
LG