Разочараност, но и надеж дека е можен пробив на Европскиот совет кој утре и в петок ќе заседава во Брисел – такви се впечатоците на државниот врв по одлуката на министрите на земјите членки прашањето за датум за преговори со С. Македонија да им биде препуштено на шефовите на држави и влади.
„Сè уште има шанса зашто мнозинството членки е 'за', а ефективно само Франција е против“,велат нашите извори.
Очекувањата се дека францускиот претседател Емануел Макрон, под влијание на останатите лидери можеби ќе попушти од тврдиот став и ќе се согласи со компромисна формула која истовремено ќе овозможи почеток на преговори во првата половина од идната година и исполнување на неговите барања за промена на методологијата за пристапување на нови членки.
На министерскиот состанок во Луксембург не само што не помина предлогот на финското претседателство за датум и за Македонија и за Албанија, на што се спротивставиле неколку земји, најмногу Франција, туку не помина ниту обидот за т.н. раздвојување на двете земји што би значело одлука само за Скопје, а не и за Тирана.
Верувам дека го заслужија тоа, особено луѓето таму, граѓаните - тие имаат свои желби, сништа. Не станува збор за задоволување на интереси некои политичари. Станува збор за луѓе за кои треба да работимеЈоханес Хан, Еврокомесар за проширување
„Ги разгледувавме сите можности со цел да испратиме барем некаква порака до Западен Балкан, вклучувајќи ја и идејата за ‘раздвојување’ на земјите, бидејќи многу земји-членки се повикаа на принципот за препознавање на заслугите според индивидуалните постигнувања. Но, и тоа не донесе успех. Единствено што можевме да заклучиме е дека Европскиот Совет ќе се наврати на тоа прашање“, вели Тути Тупураинен, министерка за европски прашања на Финска.
Разочараност има и во самата Европска унија, чии претставници се свесни дека негативна одлука на претстојниот состанок во Брисел ќе има двоен ефект – ќе го намали моментот на реформи во земјите-кандидатки, но и ќе го поткопа кредибилитетот на европската идеја.
Најдиректен беше Јоханес Хан кој сака својот мандат во ресорот проширување да го заврши со отворање нова фаза во процесот за двете земји.
„Сега му останува на Европскиот Совет да го исправи неносењето одлука. Северна Македонија, но и Албанија, ја завршија својата домашна задача. Презедоа тешки реформи кои веројатно во најголем дел од нашите земји не се можни. И затоа верувам дека го заслужија тоа, особено луѓето таму, граѓаните - тие имаат свои желби, сништа. Не станува збор за задоволување на интереси некои политичари. Станува збор за луѓе за кои треба да работиме“, истакна еврокомесарот Хан.
На европските лидери им е оставена задачата за изнаоѓање компромис – оптимистичката варијанта би значела дека Македонија би почнала преговори во 2020. Песимистичката, дека одлука ќе нема овој октомври, туку дека прашањето ќе се разгледува понатаму.