Линкови за пристапност

Загрижувачки прогнози - глобално забавување на светската економија


Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) објави извештај во кој нема светли предвидувања за растот на најзначајните економии во светот

Намален раст им се заканува на најголемите економии во светот, предупредува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Причина за ова забавување се трговските тензии, политичката нестабилност, опаѓањето на бизнисот и намалената доверба од потрошувачите.

Во новиот економски извештај, Организацијата предвидува светски раст од 3,3 проценти, што е понизок од постигнатите 3,6 проценти во 2018 година.

Во извештајот се нагласени намалени оценки за Кина, која е втората најголема економија во светот. Слични оценки има и за европските земји што се клучни за светската економија.

Според ОЕЦД, тензиите со царинските тарифи меѓу Кина и САД имале негативно влијание врз двете економии и поттикнале инфлација. Прогнозата за американската економија е дека ќе има намалување на растот од 2,9 на 2,6 проценти.

Според прогнозите, растот ќе се намали и во евро зоната и тоа од ланските 1,8 проценти, на само еден процент за оваа година. Растот на Германската економија ќе биде преполовен, а во Италија тој се очекува да отиде и во негатива.

Ниту Британија нема да помине полесно. Проекцијата за економскиот раст на британското кралство е дека годинава ќе падне на речиси половина и ќе биде понизок од еден процент.

Особено загрижувачки се прогнозите за Турција. После ланскиот раст од речиси три проценти, за оваа година проекциите на ОЕЦД се дека турската економија ќе отиде во негатива 1,8 проценти.

Ретки светли точки во извештајот се Аргентина и Јужна Африка. Според прогнозите на Организацијата, аргентинската економија од ланските негативни 2,5 проценти, ќе се поправи на негативни 1,5 проценти. За Јужна Африка, пак, очекувањата се дека ќе го удвои својот економски раст кој би требало да достигне 1,7 проценти во 2019 година.

XS
SM
MD
LG