Повеќе од 2.000 мажи, жени, деца се вклучија во необичен хуманитарен натпревар – Влечење патнички авиони тешки по 60 тони. Настанот го организира Специјалната олимпијада на Вирџинија, а се одржа на меѓународниот аеродром близу Вашингтон.
Колку луѓе се потребни за да повлечат патнички авион од 60 тони и да соберат средства за лицата со посебни потреби? Одговорот го најдовме на пистата на меѓународниот аеродром во Вашингтон.
Деновиве таму по 27 пат се одржа хуманитарен натпревар во влечење авиони. Зад јажињата застанаа тимови од по 25 натпреварувачи – мажи, жени, па дури и цели фамилии.
Нашата цел на долг рок е луѓето да ги надминат разликите и да не се плашат од својот сосед, без оглед дали е лице со попреченост, дали е од друга националност или е со различна полова определеностРик Џефри, Претседател на Специјална олимпијада - Вирџинија
Влечењето авиони се покажа дека не е шега. Некои тимови беа добро координирани, а други одвај наоѓаа решение за двете летачки „чудовишта“ – Боинг 757 и Ербас А320.
Дури и тие што беа физички подготвени, не знаеја со што се соочуваат.
„Малку ми е страв. Не знам што нè чека. Може и воопшто нема да го поместиме“, вели Брајан, натпреварувач.
Истото го споделува и Кејти, натпреварувачка: „Не разбирам како 25 луѓе би го повлекле. Но ќе видиме“.
Авионот, сепак се движеше.
Организатор на настанот беше Специјалната олимпијада од Вирџинија. Нивна главна цел беше да се соберат средства за лицата со посебни потреби, но и со заедничката дружба да се надмине дискриминацијата.
„Промовираме еднаквост и надминување на дискриминацијата кон луѓето со интелектуална попреченост. Тоа го правиме преку спортот“, вели Рик Џефри, Претседател на Специјална олимпијада - Вирџинија.
Учесниците рекоа дека се среќни што се дел од настан со високи хумани цели.
„Драго ми е што можеме да ја поддржиме Специјалната олимпијада. Каузата за помош на тие лица е многу битна“, истакна Кели, натпреварувачка.
Натпреварот е дел од долгогодишна битка на Специјалната олимпијада за глобални општествени промени за, како што вели претседателот Џефри, да се надмине стравот од лицата што се различни.
„Имаме цели на кус и на долг рок. Нашата цел на долг рок е луѓето да ги надминат разликите и да не се плашат од својот сосед, без оглед дали е лице со попреченост, дали е од друга националност или е со различна полова определеност“, додава претседателот на Специјална олимпијада - Вирџинија.
Годинава на натпреварот беа собрани повеќе од 400.000 долари донации за олимпијците со посебни потреби. Авионите ќе бидат на пистата и догодина и ќе ги чекаат хуманите и ослободени од предрасуди натпреварувачи да дојдат во уште поголем број.