Линкови за пристапност

Драги Рашковски префрлен во затворски притвор во Шутка


Кривичниот совет од судот во Скопје ја прифатил жалбата на Јавното обвинителство, кое изрази стравувања дека поранешниот Генерален секретар во Владата, кој беше во куќен притвор, може да влијае врз сведоци, по што му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена во затворот „Скопје“

Од куќен во затворски притвор доцна попладнево беше префрлен поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Кривичниот совет од судот во Скопје ја прифатил жалбата на Јавното обвинителство, кое изрази стравувања дека Рашковски може да влијае врз сведоци, по што му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Првично, по одлука на судија во претходна постапка, на Рашковски му беше изречена мерка куќен притвор, откако обвинителството покрена истрага за со набавка на софтвер за Министерството за внатрешни работи, а кој полицијата не го користи.

Одлука за затворски притвор е донесена и за Даниел Станчев, управител во фирмата „Инвока груп“, второосомничен во случајот.

“Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165, ст.1 т.1 и 2”, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Директорот на затворот во Шуто Оризари, Филип Андонов, во изјава за МИА го потврдил спроведувањето на Рашковски, при што додал дека, согласно протоколите за заштита од ковид-19, ќе остане десет дена сам во ќелија.

Обвинителството поведе истрага против Рашковски за софтвер што тој во име на владата го набавил од фирмата „Инвока груп“. Според досегашните објави на македонските медиуми, Министерството за внатрешни работи не доставило барање за набавка на таков софтвер, кој чинел околу 80.000 евра.

Истрагата се води за уште двајца осомничени, на кои им се изречени мерки на претпазливост.

XS
SM
MD
LG