Линкови за пристапност

Пристигнаа 100.000 дози „Синофарм“, приоритет за вакцинација ќе бидат армијата и повозрасните


Оваа количина на вакцини ќе ни даде шанса да го продолжиме процесот на вакцинирање на припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, но се разбира дека најголемата количина како и во претходните случаи ќе ја отстапиме за потребите на јавното здравство, најави министерката Шекеринска

Сто илјади вакцини „Синофарм“, донација од Армијата на Народна Република Кина, денеска беа доставени во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Предност и од овој контингент при вакцинацијата ќе имаат повозрасните граѓани, но и припадниците на одбранбените сили.

На церемонијата на примо-предавање, покрај Филипче, присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски. На примопредавањето присуствуваше и амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо.


„Оваа количина на вакцини ќе ни даде шанса да го продолжиме процесот на вакцинирање на припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, но се разбира дека најголемата количина како и во претходните случаи ќе ја отстапиме за потребите на јавното здравство и за потребите на граѓаните“, рече министерката Шекеринска.

Oва ќе биде количина која ќе ја додадеме и ќе продолжи процесот на имунизација по приоретизација за возрасните групи, понатаму за целокупното население во нашата земја.
Венко Филипче, Министер за здравство


Министерот за здравство Венко Филипче рече дека сегашната донација, ќе биде додадена на постоечките вакцини и ќе биде распределена низ градовите.

„Со процесот на вакцинација со кинеските вакцини кои пристигнаа пред неколку недели, веќе започнавме вакцинација, тие се дистрибуирани, остана количина од уште 50.000 која треба да се аплицира и сега ова ќе биде количина која ќе ја додадеме и ќе продолжи процесот на имунизација по приоретизација за возрасните групи, понатаму за целокупното население во нашата земја“, рече Филипче.

Амбасадорот Ѕуо рече дека донацијата е дел од заедничката соработка меѓу двете земји.


„Кина е подготвена да продолжи активно да го поддржува народот на Северна Македонија во вашите напори за борба против епидемијата“, рече амбасадорот Ѕуо.

Синоќа на Меѓународниот аеродром Скопје пристигнаа и 38.400 дози на „АстраЗенека“ преку механизмот Ковакс. Во земјава до сега се вакцинирале 203.324 граѓани, а втора доза примиле 26.415 лица. Вчера вкупно се вакцинирале 13.482 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.719 лица. Преку веб платформата vakcinacija.mk до сега се пријавиле повеќе од 346 илјади лица.

XS
SM
MD
LG