Ако е Ром, значи дека е крадец. Тоа е најголемиот стереотип што постои за ромското население во македонското општество, негодуваат здруженија за заштита на човековите права. Неодамна во немил настан беше истепано и малолетно дете од ромска националност. Настанот ги отвори прашањата за загрижувачкиот растеж на дискриминацијата.
„Верувам дека надлежните ќе го решат тој проблем. Но, коментарите што ги читам на Фејсбук, како да го оправдуваат тој чин од страна на останатите, поради тоа што велат дека детето било крадец. Погледнете какви стереотипи се случуваат за Ромите. Се оправдуваат постапки за кои е несоодветно да се размислува“, вели Даниел Петровски, Етнолог и антрополог – истражувач на ромската култура.
Се соочивме со полициска бруталност кон ромското население изминатата година којашто на некој начин стана и честа практика од страна на полициските службенициНаташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет во Скопје
Настанот е дел од низата случувања во текот на оваа и изминатата година кога припадници на ромското население се соочија со физички малтретирања. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права како виновник ја посочуваат и полицијата.
„Покрај стравувањата од здравствената криза, вкоренетиот расизам се рефлектираше и врз други сфери од општественото живеење. Така се соочивме со полициска бруталност кон ромското население изминатата година којашто на некој начин стана и честа практика од страна на полициските службеници. Тоа говори за постоење расистички предрасуди кај нив и непрофесионално и недозволено постапување“, истакнува Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет во Скопје.
Проблемите со дискриминацијата се појавуваат на повеќе нивоа. Здравствено осигурување, невработеност, но и децениски нерамноправен однос од локалните власти.
Каде што завршува асфалтираниот пат, таму почнува ромската населба и тоа се одолговлекува триесет години.Алберт Мемети, програмски менаџер во „Ромалитико“
„Каде што завршува асфалтираниот пат, таму почнува ромската населба и тоа се одолговлекува триесет години. Тоа е проблем којшто локалната самоуправа мора да го адресира за да можеме да го балансираме тој напредок. Не можеме во една општина да дозволиме некои да одат напред, а некои да останат на истата позиција 30 години. На тој начин се нарушува социјалната кохезија. Нееднаквоста што се провлекува во општеството може да ескалира и со конфликти“, вели Алберт Мемети, програмски менаџер во организацијата за анализа на демократските движења, „Ромалитико“.
Организации за заштита на правата на Ромите укажуваат дека нетрпеливоста најмногу е изразена во помалите општини. Таму, како што велат, на ромското население не му е дозволено ниту да влезе во локалните ресторани и кафулиња.
„Имавме во Струмица, во Прилеп, во Битола, каде што на Ромите им е забрането да влезат во тие кафулиња. Тоа е општо правило коешто низ текот на годините се провлекувало... Степенот на дискриминација во овие општини е толку висок што тие не ви дозволуваат да влезете, а не, пак, да се вработите“, додава Мемети.
Дискриминацијата не го одминува ниту образованието. Со години ученици Роми се издвојуваат од другите ученици во посебни паралелки. За ова веќе има и тужби од Хелсиншкиот комитет.
„Децата Роми без никаква категоризација посетуваат училишта или, пак, се распределени во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.
Мене она што ме загрижува е како македонското општество ги перцепира работите. Наместо да ги осудува таквите настани, тие уште и го оправдуваат тој чин, потпирајќи се на тие стереотипи дека Ромите крадат, Ромите лажат..Даниел Петровски, етнолог
Припадниците на ромската заедница имаат едно главно барање – да бидат на исто рамниште со сите заедници во земјата, без предрасудите кон нив кои водат кон насилство.
„Мене она што ме загрижува е како македонското општество ги перцепира работите. Наместо да ги осудува таквите настани, тие уште и го оправдуваат тој чин, потпирајќи се на тие стереотипи дека Ромите крадат, Ромите лажат... имам чувство дека македонското општество нè третира нас Ромите како гости во оваа држава, а не како граѓани од прв ред“, додава етнологот Петровски.
МВР за случајот со тепањето на детето поднесе кривични пријави за девет лица, а во истрагата се вклучи и Јавното обвинителство. Сепак, свеста за надминувањето на дискриминацијата, како што истакнаа и нашите соговорници, ќе треба да допре до целото население.