Филм што удира в лице и ја покажува болната вистина за насилството меѓу младите. Така дел од филмаџиите го оценија „Сестри“, филмското деби на младата режисерка Дина Дума, со кој беше отворен фестивалот „Браќа Манаки“, а кој од денеска е и македонски национален кандидат за „Оскар“.
„Филмот е дури и фина слика на тоа што се случува моментално со младата генерација“, вели Дума во интервјуто за „Гласот на Америка“.
Филмот е инспириран од вистински настан, но и од личните искуства на тинејџери со кои филмската екипа разговарала пред да почне снимањето.
„Поминавме шест месеци во кастинг и разговаравме со многу девојки. Тие беа доволно отворени да ни ги пренесат нивните искуства. И, навистина, тоа што го слушнав како приказни од нив, како искуства од нив, за мене беше вџашувачки. Додека го пишував сценариото немав претстава дека тоа е реалната состојба во којашто се наоѓаат младите“, објаснува Дума.
Додека го пишував сценариото немав претстава дека тоа е реалната состојба во којашто се наоѓаат младитеДина Дума, Режисерка
Како што вели режисерката Дума, главен виновник за состојбата во која заглавува новата генерација е зависноста од социјалните мрежи.
„Патат од тој моментот на социјалните медиуми, со кои се опседнати. Тоа е еден нивни свет за кои ние не сме свесни“, укажува режисерката.
Актерската екипа ја сочинуваат девојки и момчиња тинејџери. Не се професионални актери, но нивните емоции се вистински.
„Конкретно за овој филм тоа беше и предност. За мене беше важно тие да дадат искуство од нивниот свет, да го внесат во сценариото, во приказната, а за да се постигне тоа чувство на реализам“, објаснува Дума.
Младите генерации, родителите, надлежните институции. Режисерката се надева дека филмот ќе допре токму до нив.
„За мене е важно овој филм да стигне до младата публика, но и до постарите. Да допре до надлежните институции што се одговорни за младата генерација. Се надевам дека ќе покрене свесност за тоа што се случува со нашата младина“, вели Дума.
Многу е амбициозно да кажам дека овој филм ќе го смени светот, но се надевам дека ќе отвори дискусија што ќе донесе нешто ново, нешто позитивноДина Дума
Не верува дека уметноста може да го смени светот целосно, но се надева дека ќе поттикне позитивни општествени промени.
„Гледам дека луѓето веќе се подготвени да разговараат на оваа тема. Многу е амбициозно да кажам дека овој филм ќе го смени светот, но се надевам дека ќе отвори дискусија што ќе донесе нешто ново, нешто позитивно и дека работите некако ќе почнат да се менуваат“, смета режисерката Дума.
Филмот „Сестри“ веќе освои награда на чешкиот фестивал во Карлови Вари. Авторската екипа се надева на негова скорешна дистрибуција и низ македонските киносали.