Линкови за пристапност

Американската сојузна држава Вермонт отворена за обуки на македонски војници и офицери


Соработката на воен и економски план со Вермонт трае од 1995 година. Нивна висока делегација е во тридневна посета на Северна Македонија, при што во фокус се разговори за заеднички програми и обуки и во иднина

Војници и офицери од армијата на Република Северна Македонија и натаму можат да продолжат да се обучуваат и да поминуваат тренинзи во сојузната американска држава Вермонт. Ова, денеска било истакнато во Генералштабот на Армијата и во Министерството за одбрана, каде гостуваше висока делегација од Вермонт.

Делегацијата е во тридневна посета на земјава, а ја предводи заменичката гувернер, Моли Греј и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.


Во Министерството била остварена средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на која присуствувала и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз. Генералот Најт, пак, имал средба и со началникот на Генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Како што соопштија од Генералштабот, делегацијата од Вермонт ја истакнала и потребата од поголемо вклучување на жените во безбедносните сили.

На средбите станало збор и за воената вежба „Одлучен удар 21“, на кој учествуваа и припадници од вооружените сили на САД.

„Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата“, истакнала министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, се вели во соопштението.


Министерката нагласила и дека соработката со Вермонт имал големо влијание врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата.

„Високата бројка на наши војници и офицери кои учествуваа во соработката со Вермонт претставува силна препорака на Армијата на Република Северна Македонија и во НАТО. Нивното воено образование во САД позитивно ја смени нашата Армија“, истакнала Шекеринска.


Генералите Ѓурчиновски и Најт, за време на средбата разговарале за резултатите од програмата за партнерство и соработка, како и за процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, за учествата во мировни мисии, обуки, вежби како и за понатамошната планирана соработка.

Во текот на посетата од страна на генералот Најт на десет припадници од составот на Баталјонот на воена полиција им се доделија значки за посебни заслуги кои се признание за покажаната висока професионалност во извршување на задачите за време на претходната посета на делегацијата на НГ на Вермонт на нашата држава.


Соработката со Националната гарда на Вермонт е воспоставена од 1995 година. Притоа голем број од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија имаа можност за обуки, тренинзи, вежби, едукација и заедничко работење со Вооружените сили на САД.

XS
SM
MD
LG