Ветивме медал и го донесовме – од Париз ќе донесеме и злато, рече олимпиецот Дејан Георгиевски пред стотиците граѓани што вечерва излегоа да го пречекаат во центарот на Скопје. Неговото појавување на бината пред Градскиот трговски центар предизвика еуфорија и скандирања на неговото име. Беше приредено и светлечко шоу со факели од страна на спортските фанови.
На бината до Георгиевски застанаа и неговиот брат и сестра, кои исто така активно се натпреваруваат, со освоени награди зад себе.
Георгиевски го освои сребрениот медал во таеквондо на Олимпијадата во Токио. Во земјава се врати денеска претпладне, при што на аеродромот први го пречекаа спортските фанови и пријателите од неговиот таеквондо клуб „Бутел“.
За освоениот медал Владата одлучи да го награди со еднократна парична награда од 20.000 евра, а Олимпискиот комитет на Северна Македонија дополнително ќе му додели 10.000 евра и стипендија за учество на следните Олимписки игри во Париз 2024 година. Градот Скопје, пак, одлучи да го награди со 300.000 денари.
Георгиевски го постигна досега најдобриот резултат во историјата на македонскиот спoрт на Олимпијадите и е вториот олимпиец кој од осамостојувањето освојува медал, после среброто на Могамед Ибрагимов во Сиднеј, 2000 година во борење.
Погледнете во продолжение како изгледаше пречекот на сребрениот олимпиец во Скопје:
Галерија:
Видео-пренос од целиот пречек: