Линкови за пристапност

Пендаровски: Со вложување во регионалниот мир, вложуваме и во сопствената безбедност


Целиот државен и воен врв, како и претставници од дипломатскиот кор во Северна Македонија присуствуваа на воениот полигон „Криволак“ каде учесниците на воената вежба „Одлучен удар 21“ презентираа бојни гаѓања и офанзивна координираност

Преку вложувањето во регионалниот мир и глобалната стабилност, истовремено вложуваме и во сопствената безбедност, рече претседателот и врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија, Стево Пендаровски на затворањето на меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“.

На завршните активности од вежбата што се одржаа на воениот полигон „Криволак“ присуствуваше целиот државен и воен врв, како и претставници од дипломатскиот кор од земјава, меѓу кои и амбасадорката на САД, Кејт Брнз.


На вежбата, покрај армијата на Северна Македонија, учествуваа и армиите на САД, Грција и Бугарија.

„Оваа вежба е значајна за зајакнувањето на трансатлантското партнерство и преку тоа за безбедноста на Европа и на Западниот Балкан. Со заедничкото планирање и реализација на една ваква вежба, Северна Македонија и САД го афирмираат стратешкото партнерство кое долги години постои меѓу нас“, рече Пендаровски и додаде дека со учеството на армиите од соседството се интензивира регионалната соработка на полето на одбраната и безбедноста.


Пендаровски меѓу другото додаде и дека ќе продолжат инвестициите во развојот на армијата.

„Се разбира, стара, докажана вистина е дека колку и да сме задоволни со една успешно завршена мисија, не смееме да помислиме дека сме ја завршиле работата. Неопходно е да продолжиме и ќе продолжиме со реформи и инвестирање во одбраната, модернизирање и опремување на армијата, но и со учество, сега како полноправна членка, во структурите и мисиите предводени од НАТО“, нагласи Пендаровски.


Премиерот Зоран Заев, пак, во обраќањето го истакна значењето од членството на Северна Македонија во НАТО.

„Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ставена ниту ставена под прашалник ниту изолирана од светот. Како дел од моќното НАТО-семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност“, рече Заев.


Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, пак, нагласи дека со заедничките активности армијата на Северна Македонија ја покажала својата подготвеност.

„Членството во НАТО е секојдневна практична работа. Работа на терен што ја легитимира армијата Република Северна Македонија како еднаква со сојузничките армии. Покажавме врвна организација. Покажавме дека имаме извонреден терен и капацитет. Дека имаме високообучени армиски сили, способност, дисциплина и одговорност на највисоко ниво. Сè што може да ни биде шанса за одлични резултати“, истакна Шекеринска.


Вежбата „Одлучен удар 21“ почна на 17 мај, а ќе биде финализирана на 2 јуни. Учествуваат околу 1500 војници, а ја предводат армиите на Република Северна Македонија со 1.100 припадници и на САД, со 300 учесници. Армиите на Грција и на Бугарија учествуваат со по 20 припадници.

XS
SM
MD
LG