Здравственото осигурување, имиграцијата, криминалот, расната нетрпеливост беа дел од темите преку кои демократските претседателски кандидати излегоа на дуел во втората телевизиска дебата што се одржа вчеравечер во Детроит.
Во втората група од десетмина кандидати беше Џо Бајден, кој сè уште се наоѓа на врвот на листата демократи кои се во меѓусебна трка за претседателските избори во 2020 година.
Бајден воедно беше предизвик за учесниците во дебатата, па во повеќе наврати беше мета на вербални напади од противниците. Во продолжение дел од искажаните мислења и реплики.
Мајкл Бенет – вината за криминалот ја побара во образованието:
„Аде прво да го поправиме образовниот систем, а дури потоа да поправаме цевки во затворите“.
Џо Бајден – Бираме надеж, над стравот:
„Секој знае кој е Доналд Трамп, но треба да му покажеме кои сме ние. Ние бираме наука, над фикција. Ние бираме надеж, над стравот. Ние бираме сплотеност, над поделба“.
Кори Букер - вкрстени копја со Бајден за кривичното право:
Господинот потпретседател рече дека уште од седумдесеттите секоја казна е со име на неа. Господине, вие носите одговорност за таквите закони“.
Бил де Бласио – Да кажеме гласно, ќе ги оданочиме богатите:
„Ова треба да биде партија на синдикати, на универзална здравствена заштита. Ова треба да биде партија што не е се плаши да каже гласно дека ќе ги оданочи богатите“.
Хулиан Кастро – олеснет пат до државјанство за имигрантите:
„Имигрантите без документи, што немаат направено сериозен криминал, ќе бидат ставени на патот кон државјанство“.
Тулси Габард – остро против воените интервенции:
„Да ги прекинеме непотребните војни за промена на други режими и да ги вратиме трупите.. Бевме излажани (за Ирак). Сегашниот претседател продолжува да нè изневерува“.
Кирстен Џилабранд – за расните разлики и „белата привилегија“
„Да им објаснам на белите жени што значи бела привилегија. Кога нивниот син оди по улица со кесичка бомбони во џебот и со качулка на глава, тогаш единствено неговата бела кожа го штити да не биде застрелан“.
Камала Харис – изморена од разликата во платите меѓу мажите и жените:
„Долго зборуваме дека жените не се еднакво платени со мажите... Веќе ми е доста од таа конверзација. Со моите планови, компаниите ќе бидат казнети ако нема еднакви плати“.
Џеј Инсли – за климатските промени:
„Опстанокот на човештвото на оваа планета и на цивилизацијата каква што ја познаваме е во рацете на идниот претседател“.
Ендрју Јанг – роботите истиснаа повеќе работници отколку имигрантите:
„Ако влезете во фабрика во Мичиген, нема да најдете имигранти, туку роботи и машини. Имигрантите се жртвувани за проблеми што немаат врска со економијата“.