Линкови за пристапност

Постарите лица и малцинските заедници меѓу најпогодените во САД од коронавирусот


Центарот за контрола и превенција на болести направи истражување со кое се опфатени 1,7 милиони заболени и 103.000 починати од ковид-19 во периодот од првиот регистриран случај во САД, 22 јануари, до 30 мај

Постарите лица, малцинските заедници и лицата со претходни хронични здравствени проблеми се најбројните жртви од ковид-19 во САД. Ова се вели во дел од ново истражување на американскиот Центар за контрола и превенција од болести.

Во истражувањето биле опфатени 1,7 милиони потврдени случаи на заболени од ковид-19 и 103.000 починати во периодот од првиот регистриран случај во САД, 22 јануари, до 30 мај.


Според податоците, вирусот најфатален бил за лицата постари од 80 години, а најмалку страдале децата под деветгодишна возраст.

Сепак, бројките укажале на нелинеарност во смртните случаи. Така, смртноста била поголема кај лицата на возраст од 40 до 59 години, отколку кај тие што биле на возраст меѓу 60 и 79 години.

Во однос на малцинските заедници, најпогодена е популацијата со латинско потекло, со 33%, додека 22 проценти од жртвите се од афроамериканци. Од бројот на жртвите, 1,3% се однесуваат на домородните Американци.


Во периодот опфатен со истражувањето, било забележано дека во болница шест пати повеќе завршуваат лицата што имале претходни и други заболувања, како кардиоваскуларни проблеми (32%), дијабетес (30%) или хронични белодробни заболувања (18%).

Во однос на половата ситуација, било увидено дека и мажите и жените речиси подеднакво заболувале од вирусот. Сепак, машката популација почесто завршувала во болница, на интензивна нега или ја губеле битката со ковид-19.


Во САД се регистрирани повеќе од 2,1 милиони заболени луѓе од коронавирусот и повеќе од 116.000 жртви. Американските здравствени експерти очекуваат уште десетици илјади нови смртни случаи во следните месеци.

Центарот за заштита и превенција укажа дека пандемијата е далеку од завршена. Во исто време, во сите 50 сојузни држави на САД се одвива парцијално отворање на бизнисите и делумно олабавување на мерките.

XS
SM
MD
LG