Нова студија од американски истражувачи сугерира дека коронавирусот којшто најпрво беше детектиран во Централна Кина можеби почнал да се шири пред светот да осознае за пандемијата.
Според научниците од Медицинскиот центар при Харвард, сателитски снимки покажале зголемен број на пациенти на паркингот пред главната болница во Вухан во август лани, а кулминацијата се случила во декември кога Пекинг прв пат ја информираше Светската здравствена организација за новиот вирус, кој оттогаш е наречен Ковид-19.
Снимките од сателит покажале дека на паркингот на болницата Тиајоу, имало 285 возила во октомври 2019-та, споредено со 171 автомобил една година порано, истиот период. Тоа е зголемување од 67%.
Истражувањето покажа дека зголемувањето на бројката на автомобили пред болницата во тој период се совпаѓа со пребарувањето на интернет со зборовите „кашлица“ и „дијареја“, на кинескиот пребарувач Баиду, кој е пандан на американскиот Гугл.
Првично се смета дека коронавирусот се појавил на пазар за егзотични животни во Вухан во декември 2019-та.
Facebook Forum