За Брегзит без договор со ЕУ денеска ќе гласаат парламентарците во Британскиот парламент. Таканаречениот „тврд“ Брегзит е спротивен од предлогот на премиерката Тереза Меј што вчера големо мнозинство беше одбиен од членовите на парламентот.
Доколку биде изгласан, тоа ќе подразбира излез од Европската унија без конкретен договор што ќе ги одреди идните односи меѓу ЕУ и Обединетото кралство.
Сегашната ситуација е спротивна од плановите на премиерката Меј, чиј последен предлог подразбираше излез од ЕУ, со обврска за Британија да се погрижи за отворени граници меѓу нејзиниот дел Северна Ирска и Ирска, која е дел од Европското семејство.
Предлогот на Меј беше одбиен со 391 глас, наспроти поддршката од 242 пратеници.
Џереми Корбин, лидерот на опозициските лабуристи, истакна дека после два пропаднати обиди за добивање гласови за договорот за Брегзит, време е да се стави крај на владата на Меј.
Доколку пропадне и денешното гласање, во четврток следи последен, трет обид. Тогаш парламентарците во Лондон ќе треба да одлучат дали да бараат од ЕУ продолжување на рокот од 29 март, за да се одлучи како ќе се реализира планот за разделување од Унијата.
Но, за продолжување на рокот за разделба, согласност треба да дадат и сите земји членки на ЕУ.