Линкови за пристапност

Британија изгласа, ќе бара тримесечно одложување на Брегзит


Топката се префрла кај земјите членки на ЕУ, кои треба да одобрат пролонгирање на рокот од 29 март. Европските официјални лица во неколку наврати нагласија дека Британија треба да ги увери оти ќе го почитува рокот

Со 412 гласа „за“ и 202 „против“, британските законодавци изгласаа да побараат тримесечно продолжување на рокот за излез од Европската унија и ја отфрлија можноста за одржување на нов референдум за Брегзит.

Ова гласање ја обврзува премиерката Тереза Меј до крајот на јуни да побара од ЕУ одложување на рокот од 29 март. Пратениците веќе двапати ги одбија предлозите на премиерка за напуштање на Унијата. Но, според правните одредби, Британија на 29 март сепак ќе мора да ја напушти ЕУ, освен ако не прогласи укинување на Брегзит.

Парламентарците, со однос на гласовите 318 – 302, се изјаснија и против планот предложен од опозицискиот лидер на лабуристите, Џереми Корбин. Тој ја повика Меј да го искористи одложувањето на Брегзит за да му се даде доволно време на парламентот да обезбеди „мнозинство за различен пристап“.

Сега топката се префрла кај земјите членки на ЕУ. Тие треба да одобрат одложување на рокот од 29 март. Европските официјални лица во неколку наврати нагласија дека Британија треба да обезбеди цврсти докази дека би го реализирала Брегзит во новозададениот рок.

Европската унија од својата страна инсистира и новиот рок да биде ограничен, односно да заврши пред изборите за Европскиот парламент, што треба да се одржат од 23 до 26 мај.

Сепак, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, остави отворена можност за подолго пролонгирање на рокот. Тој најави дека на средбата со европските лидери, што треба да се одржи следната недела, ќе ги повика земјите-членки да ѝ остават простор на Британија да размисли за евентуална промена на стратегијата за Брегзит.

XS
SM
MD
LG