Линкови за пристапност

Последен обид, британските парламентарци ќе гласаат за одложување на Брегзит


За денешното изјаснување има големи очекувања дека ќе биде спротивно од претходните и дека ќе има согласност за продолжување на рокот за разделба од ЕУ

Тридневното гласање за Брегзит во Британскиот парламент денеска ќе ја има својата кулминација. Законодавците во Лондон ќе се изјаснат за евентуално продолжување на рокот за разделба од Европската унија.

Денешното гласање е последно од тридневните натегања во Британскиот парламент. Прво, во вторникот, беше отфрлен предлогот на премиерката Тереза Меј за разделба од ЕУ со однапред постигнат договор. Вчера, пак, преодно светло не доби ниту предлогот за спроведување на Брегзит во предвидениот рок, 29 март, без регулиран договор со Унијата.

За денешното гласање има големи очекувања дека ќе биде спротивно од претходните и дека ќе има согласност за продолжување на рокот за Брегзит. Но, за да се добие нов датум, одобрување треба да дадат и земјите на ЕУ.

Официјалните претставници на Унијата во повеќе наврати истакнаа дека треба да видат оправданост во барањето за одложување на рокот. Воедно, од ЕУ истакнуваат дека грејс периодот што може да се добие е кус, односно до крајот на мај, пред да почнат изборите за Европскиот парламент.

Сепак, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск остави отворена можност за евентуално подолго одложување. Во пресрет на средбата со европските лидери, што треба да се одржи идната недела, Туск истакна дека земјите членки на унијата треба да земат во предвид и друга опција. Тоа е оставање простор на „Британија да ја преразгледа стратегијата за Брегзит“.

Покрај тоа што ја одбија, премиерката Меј вчера најави можност за одново да ги убеди парламентарците да го прифатат предлогот за Брегзит, а на кој преговарачи од Британија и од ЕУ работеа две години.

XS
SM
MD
LG