Линкови за пристапност

Британија сè поблиску до излез од ЕУ без договор


Мајкл Барниер, главниот преговарач на ЕУ за Брегзит истакна дека сè уште има простор за да се избегне таканаречениот „Брегзит без договор“. Сепак, тој додаде дека опциите на Британија се ограничени

Главниот преговарач на Европската унија за Брегзит, Мајкл Барниер изјави дека Британија е сè поблиску до излез од ЕУ без договор што ги одредува деталите за разделбата.

Обраќајќи се во Брисел, Барниер истакна дека сè уште има простор за да се избегне таканаречениот „Брегзит без договор“. Сепак, тој додаде дека опциите на Британија се ограничени и дека единственото сценарио што стои е на располагање е прифаќање на договорот што премиерката Тереза Меј го постигна со европските лидери после две години преговори.

Сепак, британските законодавци го отфрлија тој договор три пати. Очекувањата се дека премиерката ќе се обиде и по четврт пат да го постави на гласање истиот договор.

Меј денеска имаше повеќечасовни средби во нејзиниот кабинет, посветени на изнаоѓање решение за кризата поврзана со Брегзит.

Британија требаше да ја напушти Унијата на 29 март, но земјата доби зелено светло од Брисел за кусо продолжување на рокот.

Последниот краен рок поставен од ЕУ е 12 април. Според Барниер, ако британските законодавци и до тогаш не најдат решение, единствено што ќе ѝ остане како опција на земјата е да ја напушти Унијата без договор или, пак, да се обиде поединечно да ги убеди земјите од европското семејство на ново продолжување на рокот за разделба.

XS
SM
MD
LG