Линкови за пристапност

Спуштена завесата на 42. „Браќа Манаки“: Наградата „Златна камера 300“ оди кај кинематограферот Јани-Петери Паси од Финска


Наградата на Паси, како што истакна претседателот на фестивалското жири, , Суки Меденчевиќ, му е доделена едногласно, за филмот „Купе број 6“

Финскиот кинематографер Јани-Петери Паси ја доби наградата „Златна камера 300“ за филмот „Купе број 6“ на годинешното 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Наградата на Паси, како што вечерва истакна претседателот на фестивалското жири, Суки Меденчевиќ, му е доделена едногласно, заради „деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север“.


Наградата „Сребрена камера 300“ му е доделена на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“, додека „Бронзена Камера 300“ оди во рацете на Рубен Импенс за филмот „Титаниум“. Според одлуката на жирито наградата „Мала камера 300“ за краткометражен филм ѝ се доделува на кинематограферката Жоана Силва Фернандеж за „Низ маглата“.

Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава се одржа по 42. пат

„И покрај се успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд. Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зошто се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури коишто дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод“, рече на завршната церемонија директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамевски.


Покрај шестдневните филмски проекции од домашни и од странски режисери и кинематографери, и годинава се одржаа работилници и предавања за процесите на подготовка на филмското дело.

Особено внимание предизвикаа работилниците со добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, Кристијан Бергер и на композиторката Џослин Пук. Бергер зборуваше за неговиот изум со рефлексии во осветлувањето на филмските сцени, додека композиторката Пук го објасни процесот на создавање на музичката подлога во филмовите.

XS
SM
MD
LG