Линкови за пристапност

Бисера Чадловска, диригент: Имаше коментари „ќе дојде девојчето да ни диригира“


Бисера Чадловска, диригент: Имаше коментари „ќе дојде девојчето да ни диригира“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:16 0:00

Диригент сум рамномерно како и сите други, мажи и жени диригенти во светот. Не гледам причина зошто би се одвоила од мажите или не би успеала, вели Чадловска во разговор за Гласот на Америка

„Добриот диригент треба да е музикален, да е со добра мануелна техника, ансамблот да го разбира што сака од него“, вели Бисера Чадловска, жена диригент, која две децении професионално е активна на македонската музичка сцена. Речиси и да нема концерт на Националната опера без нејзино водство.

„Едноставно мојата желба беше премногу голема. Уште пред да дојдам до ова што сум сега, многу добро знаев дека тоа е единственото нешто што сакам да го работам“, вели Чадловска.


Ја избрала професијата, за која, од нејасни причини, се вели дека е резервирана за мажите. Чадловска била свесна за предизвикот со кој се соочува. Но, одлучноста била нејзин сојузник.

Се слушаа коментари од типот, девојчето ќе ни дојде сега да ни диригира. Девојчето ова, девојчето она. Јас бев девојчето. Не бев никогаш ставена на еднакво рамниште со моите колеги со кои сме дипломирале во исто време или со неколку години разлика
Бисера Чадловска


„Едноставно не одбивав никаква работа, која беше поврзана со мојата понатамошна кариера. Диригирав сè и сешто во секој даден момент. Упаѓав на проби и кога треба и кога не треба, и спремна и неспремна. Сè што се случуваше за да дојдам до искуството што беше потребно за да се стане добар диригент“, објаснува Чадловска.

Сепак, на почетокот не било така лесно. Родовата нерамноправност ѝ се удрила врз плеќи само што завршила со студиите.

„Се слушаа коментари од типот, девојчето ќе ни дојде сега да ни диригира. Девојчето ова, девојчето она. Јас бев девојчето. Не бев никогаш ставена на еднакво рамниште со моите колеги со кои сме дипломирале во исто време или со неколку години разлика. Тие беа веќе диригентите, а јас бев девојчето“, се потсетува диригентката за своите почетоци.


Борбата да се докаже себе си била и борба да се покаже дека особено во нејзината професијата нема место за родова нерамноправност.

Не гледам причина зошто би се одвоила од мажите или не би успеала


„Диригент сум рамномерно како и сите други, мажи и жени диригенти во светот. Не гледам причина зошто би се одвоила од мажите или не би успеала“, категорична е Чадловска.

Чадловска долго време беше и единствена жена диригент на македонската сериозна музичка сцена. Тогаш за неа тоа бил редовен предизвик за да успее. Но, од денешен аспект на тие години гледа и со уште една мисла.

„После овие дваесетина години, гледам дека било одговорност голема, бидејќи сметам дека се остава некаков впечаток или некаков пат се трасира за помладите луѓе после мене“, укажува диригентката.


Вели дека работите се многу подобрени во однос на родовата еднаквост во нејзината фела. Сепак, денес сите заедно се соочуваат со многу поголем проблем.

На сите најмногу ни недостасува нормалното. Ни недостига блискоста. Уметноста е полна со чувства. Таа без чувства не може да живее“, вели Чадловска.

Пандемијата удри силно врз репертоарот на Националната опера и балет. Чадловска и нејзините колеги работат редовно, со надеж дека ќе дојде денот кога повторно ќе видат полн салон со публика.

XS
SM
MD
LG