Линкови за пристапност

Ситуацијата со бегалците во соседството се рефлектира врз Северна Македонија


Денешниот, товарен воз од Грција, кога поминуваше низ Велес, беше полн со бегалци, кои буквално висеа меѓу товарните вагони, стоејќи и клечејќи на стапалките и на железните делови кои ги поврзуваат вагоните, ни изјави хуманистката Ленче Здравкин

Според официјалното соопштение на Центарот со управување со кризи, испратено до Гласот на Америка на македонски јазик, ситуацијата со бегалците на македонска територија е - мирна. Од 30 јануари до 6 февруари се регистрирани 458 мигранти кои нелегално влегле на македонска територија.


Во периодот од 20 до 26 јануари во Привремениот транзитен центар „Винојуг“ на македонско-грчката граница немало мигранти, а во Привремениот центар „Табановце“ на македонско-српската граница биле сместени 23 мигранти (петмина од Авганистан, 11 од Мароко, двајца од Палестина и петмина од Либија).

Во Прифатниот центар за баратели на азил во скопско Визбегово пак, биле сместени 72 лица (13 од Пакистан, 11 од Авганистан, 12 од Мароко, 6 од Сирија, 12 од Куба, по тројца од Русија, Ирак и Алжир, и по едно лице од Турција, Јемен, Ерменија, Египет, Индија, Палестина и Тунис).

Според податоците на Регионалниот центар за управување со кризи – Гевгелија, во периодот од 31 јануари до 6 февруари, во „Винојуг“ биле сместени 14 нови мигранти, а вчера биле присутни 13 (11 мигранти од Авганистан и 2 од Сирија). Според кумановскиот Регионален центар, вчера во ПТЦ Табановце имало 26 евидентирани бегалци – мигранти, а според известувањето на ГШ на Армијата, врз основа на одлуката на Претседателот на државата, на наредбата на Началникот на армискиот Генералштаб и плановите за нејзина употреба и ангажирање во справување со кризната состојба, дел од армиските единици и понатаму ги извршуваат задачите како поддршка на полицијата и притоа, на јужната граница, од 31 јануари до 6 февруари, привеле 12 мигранти.

Но, бегалската криза на Балканот според медиумските извештаи, се заканува со нова ескалација. По инцидентите на бегалците-баратели на азил на грчкиот остров Лезбос, минатиот викенд, на кои полицијата користела и солзавец и шок бомби, а кога биле приведени четириесеттина лица од групата од околу 300 мигранти, поради чие движење реагирало локалното население, таму биле испратени и две специјални полициски единици. По инцидентот, протестите на локалното грчко население не стивнуваат.


Македонските медиуми ги пренесоа ставовите на официјални грчки претставници кои ја потенцирале потребата „за забрзување на процедурите за азил, враќање на оние кои немаат право на азил и работа на затворени и контролирани центри“.

Паралелно со инцидентите, беше најавено отворање на 20 нови, контролирани центри за бегалци и мигранти со право на азил, со капацитет од 500 до 2.000 лица, во осум грчки области.

Минатиот месец, Владата во Грција најави изградба и на „лебдечка“ ограда од 2,7 километри, за спречување на бегалците од турскиот брег да стигнат до грчките острови. Според пренесеното во македонските медиуми, грчкото Министерство за одбрана побарало понуди за изградба на лебдечка ограда во рок од три месеци, која би била 50 сантиметри над водата и би имала трепкачки светла, во вредност од околу 500.000 евра, со вклучено четиригодишно одржување.

Вчера пак, унгарската полиција привремено затвори еден граничен премин со Србија за да се блокира група мигранти која сакала да ја мине границата. Неколку стотини лица го блокирале граничниот премин Келебија, барајќи влез во Унгарија и понатаму, во земјите на Европската унија, со транспаренти на кои пишувало дека не се криминалци ниту економски мигранти, туку бегалци од војна.

И покрај смирувачките официјални соопштенија, медиумските извештаи за зачестените инциденти и постепеното ескалирање на бегалската криза во соседството, се потврдуваат и со информациите од теренот во Македонија. Со тоа што наместо поранешните групи пешаци по македонските патишта или пруги, познатите рути на релацијата југ-север, главно се совладуваат со шверцерски возила или со товарните возови.

Хуманистката Ленче Здравкин, „бегалската мајка“, во денешната изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека и покрај тоа што навистина е намален бројот на бегалците/мигрантите - пешаци кои во изминатиот период, по „патеката на очајниците“ низ Македонија, го посетуваат и нејзиниот дом во Велес (инаку, забележан на нивната маршрута како место каде ќе добијат, топло место за одмор, храна и вода, облека и обувки, основна медицинска помош...), бројот на лицата кои поминуваат низ државата не се намалува, а променет е само начинот на превоз.

„Денешниот, пладневен товарен воз од Грција беше ‘полн’ со бегалци. Пругата поминува под мојата куќа, а бегалците буквално ‘висеа’ меѓу товарните вагони, стоејќи и клечејќи на стапалките и на железните делови кои ги поврзуваат вагоните... Во вчерашниот воз, на пример, со контејнери полни со тресет од ќумур или џгура, бројните бегалци ми мафтаа од вагоните... Има драстично зголемување на бројот на бегалците кои ‘патуваат’ со возовите за овој период“, ни изјави Здравкин.

Не се намалува и бројот на криумчарите на бегалци/мигранти, за што сведочат и официјалните информации на МВР. Во понеделникот, на патниот правец Валандово-Струмица, во с. Костурино, полицајци од станицата во Стар Дојран пронашле 28 бегалци/мигранти, а возачот на возилото го напуштил местото на настанот. Во вторникот, во битолското село Драгош, полицајци од станицата во Меџитлија лишиле од слобода тројца Кубанци поради „незаконско преминување на државната граница“. Минатата недела, на автопатот Гевгелија – Демир Капија, бил лишен од слобода С.А. (25) од скопското село Студеничани, во чие возило со регистарски ознаки од друго возило, биле пронајдени 14 бегалци/мигранти (12 од Авганистан и двајца од Сирија). На 29 јануари на магистралниот пат Струмица - Радовиш, полицајци се обиделе да сопрат патничко возило со тетовски регистарски ознаки, сопственост на Ш.С. од Слатино, но возилото не застанало и удрило во бетонски ѕид, а возачот и совозачот избегале. Полицајците во возилото пронашле осум лица (еден од Сирија, тројца од Авганистан и четворица од Иран). Во текот на јануари, во воз чија крајна дестинација била Унгарија, на граничниот премин Табановце, во вагон на товарен воз биле откриени четворица мигранти од Авганистан, откако железничарите пријавиле дека се слуша тропање во контејнерите.

Иако македонските власти ги спроведуваат и плановите на Европската унија за справување на бегалската криза, и иако балканската бегалска рута е одамна официјално затворена, заканите дека дел од над десетте милиони бегалци во камповите во Турција или во Либија, во секој момент би можеле да тргнат кон Европа, при што една од рутите може да биде и Македонија, бараат адекватна подготовка за нов бегалски бран.

XS
SM
MD
LG