Северна Македонија треба да биде претпазлива кога е во прашање можноста за повторно активирање на западно-балканската емигрантска, рута предупредуваат граѓански активисти.
Откако Турција ги отвори границите за илјадници мигранти во правец кон Европа, а со тоа и кон Грција, Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“ вели дека иако за земјава во овој момент не постои поголема опасност, актуелната ситуација треба да се следи бидејќи постојано се менува.
„Во овој момент не постои никаква опасност бидејќи тие луѓе се многу подалеку и бројката која поминува во моментот е многу мала. Македонија е подготвена да одговори секогаш бидејќи ние ова веќе го поминавме еднаш со многу поголема бројка, а од друга страна треба да внимаваме не само на безбедносниот туку и на хуманиот дел и сите тие луѓе кои имаат права да не им се прекршат правата“, вели Реџепи.
Сепак Реџепи стравува од најлошото, доколку, турскиот претседател Ердоган го продолжи рокот за отворање на границите за мигрантите но и доколку нема договор со ЕУ, по однос на ова прашање.
„Треба да имаме во предвид дека бегалците ќе бидат спречени да преминат на нивна територија или ќе бидат задржани на островите. Така да тоа ќе се одложи и нема да се случи веднаш, освен ако не се продолжи тој рок од 72 часа на неколку месеци или слично, тогаш треба да не загрижи состојбата која ќе следи“, додава Реџепи.
Безбедносните експерти велат дека и да се случи поголем бегалски бран, Северна Македонија ќе биде засегната повторно само како транзитна дестинација.
„Сите знаеме која е крајната цел на бегалците, а тоа се земјите од ЕУ. Нема да има поголем безбедносен ризик за нашата држава, односно дека пред сè Грција и Италија поинаку ќе се справат со ова што како ситуација се случи, а мислам дека и Турција ќе најде заеднички јазик со ЕУ“, вели Самир Салиевски, универзитетски професор по безбедност.
Салиевски вели дека сепак државните институции треба да ја следат ситуацијата, да ги стават сите свои механизми во употреба но и да ги следат препораките на ЕУ.
Реџепи пак вели дека само од Сирија во Турција се наоѓаат три и пол милиони бегалци во моментот. Од нив 10% биле сместени во камповите, а останатите слободно се движеле низ територијата на Турција.1,6 милиони бегалци пак биле пред влегување во Турција.