Линкови за пристапност

Балкански вештини на американски пазар - прави бурек и танцува со тесто


На Дејан Живановиќ му требале пет години да ги усоврши движењата, за конечно да почне на жителите во главниот град на САД да им приредува мало шоу сосе вкусниот бурек

Пред љубопитните минувачи тој изведува движења што наликуваат на танц со тесто. Така 31-годишниот пекар Дејан Живановиќ ги привлекува луѓето на популарните маркети на отворено во Вашингтон.

Му требале пет години да ги усоврши движењата, за конечно да почне на жителите во главниот град на САД да им приредува мало шоу.

„Во Америка морате да размислувате на начин што е малку поразличен од нашиот. Мене ми беше чест да излезам на улица и да покажам како го растегнуваме тестото“, вели Дејан.

Но, главната цел не му е да покажува акробации со тесто. Тоа му е начин да го продаде тоа што го прави - познатиот специјалитет од Балканот. Бурек.

Во САД е веќе десетина години. Работел за други кога се охрабрил да појде во потрага по сопствениот американски сон. Изборот паднал на пекарница на која ѝ дал име „Јуфка“.

„Сакав да имам нешто свое. Немав видено дека некој претходно донел печива во кои ние толку уживаме во нашите краишта. Работев напорно дома додека го добив вкусот и изгледот што го сакам. Така почна целата приказна“, објаснува Дејан.

Со неговата монтажна тезга може да го видите низ маркетите во градот. За една година работа успеал да добие голем број следбеници и постојани муштерии.

„Многу е вкусен. Веќе неколку пати го имаме пробано на другите маркети, а еднаш нарачавме и за домашна забава. Одлична е храната и сите вкусови што се нудат“, истакнува муштериката Лора.

Балканец на американски пазар, прави бурек и танцува со тесто
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Дејан лесно се прилагодил на потребите на американските купувачи. Покрај популарниот бурек со месо, на купувачите им нуди и вегетеријански комбинации - од јаболко и цимет му е една од најпопуларните.

„Избрав вегетеријански бурек. Јас сум вегетеријанка и драго ми е што имаат таква понуда“, ни вели Сара.

Овој пекар се радува на секој нов купувач, а особено кога луѓето се отворени да пробаат нешто за нив непознато.

Сепак, најстрога публика му се муштериите од Балканот.

„Тие се нашите најголеми судии. Некој што пораснал со овој производ, може да каже дали е добар или не. Нивното мислење секогаш е добрeдојдено“, открива Дејан.

Од маркетот во Кинескиот кварт во Вашингтон, Дејан утре заминува на друго место. И таму ќе ги покаже своите акробатски и кулинарски вештини.

XS
SM
MD
LG