Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека околу 100 македонски граѓани сѐ уште се присутни во Авганистан. Како што додаваат од МНР, сега за сега сите идентификувани македонски граѓани во таа земја, се наоѓаат на безбедни локации.
„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија“, велат од ресорното министерство.
Според информациите што ги сподели МНР, компаниите што ги ангажирале работниците не биле изложени на опасност и имале резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници. Дел од нив веќе биле префрлени во некои од соседните земји.
Министерството за надворешни работи формира и посебна работна група, чија задача е да остварува контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул.
МНР вчера доставија и телефонски броеви на кои секој што има роднини или пријатели во Авганистан, може да пријави или да сподели сознанија за состојбата на граѓаните во Авганистан. Дежурните телефонски броеви се: +389 75 273 732 и +389 75 446 647
Од МНР вчера доставија и телефонски броеви на кои секој што има роднини или пријатели во Авганистан, може да пријави или да сподели сознанија за состојбата на граѓаните во Авганистан. Дежурните телефонски броеви се: +389 75 273 732 и +389 75 446 647.
Министерството потсетува дека останува апелот да не се патува во Авганистан, а сите наши граѓани што се во можност најитно да ја напуштат земјата.
Голем дел од дипломатските претставништва во Кабул, главниот град на Авганистан, почнаа да го повлекуваат својот дипломатски персонал. САД најавија и испраќање на 5.000 војници за да се обезбеди непречено повлекување на дипломатски персонал од амбасадата во Кабул и нивните семејства. САД ги повлекуваат и жителите на Авганистан кои добиле специјален имигрантски статус, како заслуга од ангажманот за американските сили во Авганистан.
Како што јави „Асошиејтед прес“, силите на Талибанците влегле во предградијата на Кабул и ја повикале официјалната влада на Авганистан безусловно да се предаде. Според сознанија на агенцијата, претставници од Талибанците пристигнале на преговори во претседателската палата во Кабул, каде како владин претставник се појавил поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи.