Линкови за пристапност

Студенти, преведувачи, хуманитарци ќе бидат дел од 450 цивили од Авганистан, пристигнуваат до крајот на неделава


Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти, децидни се од Владата

Активисти за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, жени и деца на лица од миротворните мисии ќе бидат дел од групата од 450 цивили од Авганистан што треба да бидат згрижени во земјава.

Како што соопштија од Владата, овие лица треба да пристигнат до крајот на неделава, со повеќе летови. Координацијата и организацијата на нивното пристигнување се врши претежно преку американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).


„Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација“, се вели во владиното соопштение.

За спроведување на овие лица до локациите каде што ќе бидат сместени, задолжени се Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.


Од Владата воедно апелираа дека станува збор за вклучување во хуманитарна мисија и заштита на цивили.

„Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти“, велат од Владината прес-служба.

Поголемиот дел од македонските граѓани што беа евидентирани дека се наоѓаат во Авганистан, веќе се евакуирани во Доха и Абу Даби. Во базата на НАТО останати се уште 14 наши граѓани, чие заминување е планирано за утре. Тројца од нив одлучиле да останат и да ги продолжат работните обврски на аеродромот.

XS
SM
MD
LG