Линкови за пристапност

Адреналинска терапија со кршење: Отворена анти-стрес соба во Скопје


Облечени во заштитни скафандери, со пластични шлемови, визири, ракавици и чизми, корисниците најчесто можат да кршат стакло и керамика. На крајот од „терапијата“ остатоците се собираат и одат на рециклирање

Ова што го гледате не се подготовки за реновирање купатило, ниту, пак, мајстори што се одмаздуваат заради неисплатени надници. Се работи за првата Анти-стрес соба што од неодамна почна да работи во Скопје.

„Поентата е преку забавна активност, преку кршење на одредени предмети да се ослободите од моменталната негативна енергија“, вели Горан Бошковски, основач и сопственик на „Smash It Up“.

Адреналинска терапија со кршење: Отворена анти-стрес соба во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00


Горан Бошковски, основачот, е 30-годишник од Скопје. Идејата ја добил откако на интернет увидел дека расте интересот за анти-стрес соби. Тоа било доволно да конкурира за грант за нов бизнис.

Гледајќи ја тогаш идејата, си реков, немаме нешто вакво во Скопје, во Македонија. Ми личи многу интересно и зошто не би го направил јас да бидам првиот
Горан Бошковски, основач и сопственик на „Smash It Up“


„Гледајќи ја тогаш идејата, си реков, немаме нешто вакво во Скопје, во Македонија. Ми личи многу интересно и зошто не би го направил јас да бидам првиот“, вели Бошковски.

Концептот е едноставен. Заинтересираните прво закажуваат термин преку интернет. Откако ќе пристигнат ги чека заштитна опрема која е задолжителна. Таа се состои од панталони, јакна...

„Заштитен шлем со визир, специјални кондури или чизми со соодветна заштита за стапалата, ракавици“, додава Бошковски.

Дури откако ќе се подготват, посетителите можат да влезат во собата. Таму веќе се наоѓаат предметите уредно наредени врз две буриња.


„Корисниците кршат стаклени и керамички производи. Санитарии и плочки, како и стара и рециклирана електронска и ИТ опрема“, објаснува сопственикот.

Сите овие тегли, чаши, плочки, како што објаснува младиот претприемач, засега претежно доаѓаат од алтернативни канали.

„Донации од роднини, пријатели, предмети што не ги користат по дома и за да не ги фрлат, ми ги даваат на мене. Другите предмети ги набавувам од соработниците со коишто воспоставив контакт уште кога го започнав бизнисот“, вели младиот претприемач.


Гостите во собата наоѓаат најкреативни начини да ги искршат предметите со орудијата што им се на располагање.

Сепак, според објаснувањето на Бошковски, главната цел не е лутината, туку забавата.

„Сепак е ова една нова активност и нема потреба да си буквално под стрес за да дојдеш и да бидеш дел од ‘Смеш ит ап’“, вели Бошковски.


Остатоците од стаклените предмети одат директно на рециклирање. Бошковски вели дека општествената одговорност им е на прво место.

„И со тек на време да ја зголемиме свеста кај нашите клиенти за позитивната страна на рециклирањето и користењето стари предмети“, дообјаснува.

Независно од пандемијата, младиот претприемач не се откажува и верува дека ќе успее да ги поттикне граѓаните на овој вид адреналинска забава, согласно соодветните антиковид мерки.

XS
SM
MD
LG