Резултатите од предвремените парламентарни избори не се изненадувачки и тие се во рамките на предвидувањата од страна на анкетите спроведени во предизборниот период, велат аналитичарите, Џелал Незири и Александар Кржалоски. Незири смета дека ова се должи пред се’ на слабиот одзив на етничките Македонци. Кржалоски пак дека е ова голема опомена особено за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ.
„Од причина што двете партии спроведуваа негативна кампања или т.н црна пропаганда преку пуштање на прислушкувани материјали. На овој начин придонесоа бројот на гласачи да се намали на двете партии, со тоа што и мандатите им се намалени“, смета Незири.
Паѓањето од сто на деведесет пратеници заедно е една од најголемите и најцрните пораки на овие избори. И треба тоа двете партии да си го земат сериозно и да согледаат дека начинот на кој ја водат државата во последните 10-15 години е далеку од потребното нивоАлександар Кржалоски
„Паѓањето од сто на деведесет пратеници заедно е една од најголемите и најцрните пораки на овие избори. И треба тоа двете партии да си го земат сериозно и да согледаат дека начинот на кој ја водат државата во последните 10-15 години е далеку од потребното ниво и е време за ресет на нивните партии и реформи на самите партии“, вели Кржалоски.
Сепак како прв кој се очекува да добие мандат за состав на Влада e Заев, бидејќи неговата СДСМ, заедно со коалицијата освои најмногу пратенички места, вкупно 46. Според, Незири пред него ќе бидат две опции. Првата е да формира Влада со ДУИ, додека втората e без ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, но со сите останати кои добија пратенички мандати. Но и двете опции вели се тешко изводливи.
„Влошените односи, но и условот на ДУИ, ја отежнуваат ситуацијата и ги намалуваат шансите двете партии да се договорат. Втората опција е скоро невозможна и ако се случи е во крајност нестабилна, од причина што во неа би учествувале многу политички партии, додека Владата би зависела од ДПА со еден пратеник или Левица со двајца пратеници, факт кој ќе ја прави таа Влада, фрагилна, кршлива и нефункционална“, нагласува Незири.
Најверојатно условот кој ќе биде поставен на маса, ќе биде токму премиер Албанец, со платформа со која ДУИ, настапуваше во изборната кампањаЏелал Незири
Но, ако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се отвори можност да формира Влада, ќе мора да ги убеди албанските партии да бидат дел од неа.
„Најверојатно условот кој ќе биде поставен на маса, ќе биде токму премиер Албанец, со платформа со која ДУИ, настапуваше во изборната кампања“, додава Незири.
Кржалоски, пак, идентификувал најмалку четири можни сценарија.
„Најлесното според бројките би било досегашната владејачка коалиција на СДСМ и ДУИ, но во изборната кампања се покажа голем амозитет меѓу нив. Една од полесните или втора за мене можна опција е правење на голема коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива, која ќе има повеќе од сто пратеници“, смета Кржалоски и додава дека преговорите за нова Влада, ќе бидат долги и тешки.