Не се откажуваме. Тоа им било главното мото на Ирина Дишовска и Лазе Миновски, двајцата македонски алпинисти што неодамна се искачија на Ама Даблам, еден од најтешките врвови на Хималаите со висина од 6812 метри.
„Ги видовме Швајцарците како се откажаа, Американците, Португалец, Шпанец, Руси. Но, јас и Лазе не ни помисливме да се откажеме, воопшто, во ниту еден момент“, раскажува Ирина.
Пеколно ниски температури и ветер од којшто може да замрзне секое делче од телото. Со тоа се соочиле пред самото искачување на врвот.
Нозете, од тој момент, па до врвот и назад до ‘камп 2’, во наредните десетина часа, воопшто не ги чувствувавИрина Дишовска
Малку недостасувало последиците од студот да бидат и многу посериозни.
„Во тој момент почувствував силен студ и отсекување на прстите на нозете. Дури и на рацете. Но, бидејќи се работи со јажето, така се враќа циркулација во рацете и се загреваат. Но, нозете, од тој момент, па до врвот и назад до ‘камп 2’, во наредните десетина часа, воопшто не ги чувствував“, вели Ирина.
Опасностите со кои се соочиле по речиси вертикалниот замрзнат планински масив, веќе ги гледаат и како поттик за следни подвизи.
Затоа и тргнавме на една ваква експедиција. Да видиме како функционира овој хималајски живот на еден хималаец, на еден планинар што е тамуЛазо Миновски
„Затоа и тргнавме на Ама Даблам, затоа и тргнавме на една ваква експедиција. Да видиме како функционира овој хималајски живот на еден хималаец, на еден планинар што е таму. Неколку пати сум кажал, пак ќе кажам, дури и да не го искачив врвот, јас имам многу добра школа од тоа што се случуваше таму. Да знам, како понатаму“, ни вели Лазе.
Поддршка од државата и од Федерацијата за планинарски спортови овојпат ниту побарале, ниту добиле.
„Сакавме овој врв да го финансираме со помош на спонзорите и сами, за потоа, за искачување на некој врв од осум илјади метри и нагоре, зад нас да застанат државата и федерацијата. Се надеваме дека ќе имаат слух за нашата следна експедиција“, посочува Ирина.
На прашањето за иднината на спортовите, ако нема соодветна поддршка од државата, Лазе вели:
„Отсекогаш сум зборувал дека спортистите се најголемите амбасадори на една држава. Ние со Ирина направивме голема промоција. Секој наш шатор мораше да има македонско знаме или натпис Македонија. Проблемот, како што кажа Ирина, е што ние моравме сè сами да финансираме цела година. Се надеваме дека ќе има некаков слух, дека сме сериозни и не застануваме“.
Ирина стана позната во јавноста откако со голи раце, по фустан го искачи кањонот Матка. Пораката и тогаш и сега е дека жените можат да имаат успеси, доколку добијат поддршка.
„Не многу жени искачуваат, ниту алпски, ниту хималајски спортови. Особено не Македонки. Ја имаме Илина Арсова, која како прва жена се искачи на Монт Еверест. Таа го има искачено Ама Даблам пред десет години, но само тоа е тоа. После Илина Арсова имаме јаз од десет години во кои, колку што ми е мене познато, ниту една жена од Македонија нема тргнато кон Хималаите. Тоа е пораката, дека жените го можат истото. Но треба да се има поголема поддршка во однос на финансирањето. Да се застане зад тие што се трудат да направат нешто, да ги поместат границите“, објаснува Дишовска.
Истиот совет важи и за секого.
„Нема шанси да ми каже некој дека нешто е невозможно. Сè е возможно денеска, само треба голем труд и навистина да го сакаш тоа. Ако некој навистина си посакува некоја цел изводливо е. Ако најтешките врвови се Анапурна или К2, не велам дека некогаш нема да се најдам таму. Само треба голема цел“, додава Миновски.
Двајцата имаат храбри и ентузијастички планови пред себе за во иднина.
„Имам планови за блиска иднина. Следната сезона сакам повторно да одам на Хималаите. Доколку успеам финансиски да го затворам тој дел, дефинитивно ќе се упатам на осум илјадарка, но засега нема да откриеме на која“, планира Ирина.
Слични планови и кај Лазе.
„Ќе биде малку комплицирано со мојата работа. Не ќе можам да отсуствувам, бидејќи овие врвови бараат големо отсуство, поддршка од фамилија и финансии. Така, јас секогаш ќе бидам сконцентриран септември, октомври, ноември. И јас би сакал осум-илјадарка, секако. Имам нешто на ум, но нормално, ќе бидат потребни спонзори. Финансиски веќе сум исцрпен“, вели Лазе.