Без посериозни инциденти поминаа локалните избори во Албанија и покрај тензиите меѓу владејачките и опозициските партии, како и покрај затегнатите односи меѓу премиерот Еди Рама и претседателот Илир Мета.
Сепак, според извештаите, излезноста на гласачите била ниска, со што се отвора прашањето за легитимноста на изборите.
Главните опозициски партии ги бојкотираа изборите и ја обвинија владата на социјалистот Рама за корупција и за претходна изборна измама.
Премиерот и неговата влада ги отфрлија обвинувањата и инсистираа на одржување на изборите, иако претседателот Мета ги одложи за октомври заради безбедносни причини.
Поддржувачите на опозицијата протестираа со недели, со барања за оставка на Рама и нови парламентарни избори. Во неколку наврати се судрија со полицијата, во обид да ги прекинат подготовките за изборите.
Американската амбасада во Албанија и ОБСЕ ги повикаа двете страни да се воздржат од насилства.
Изборите се своевиден тест за демократијата во земјата и се под детален мониторинг од страна на Европската Унија, чии земји-членки треба да одлучат дали и кога на Албанија би ѝ бил доделен датум за преговори за членство.