Линкови за пристапност

Во САД студентите од Кина се најбројни


АРХИВА - Студенти на кампусот на Универзитетот Стенфорд во Санта Клара, Калифорнија, 14 март 2019 година.
АРХИВА - Студенти на кампусот на Универзитетот Стенфорд во Санта Клара, Калифорнија, 14 март 2019 година.

САД на повеќе од 600 илјади странски студенти им доделија визи за фискалната 2023 година.

Студентите од Кина ја задржаа својата позиција во 2023 година како најголема група на странски студенти во САД. И покрај благиот пад на бројот на студентите од Кина, тие во оваа категорија во САД се најбројни.

Стејт департментот додели повеќе од 600 илјади визи за странски студенти визи во фискалната 2023 година, која заврши во септември, што е најмногу по фискалната 2017 година. Меѓу нив, 289 526 визи беа доделени на студенти од Кина, што, според податоците на Стејт департментот, претставува намалување за 560 студенти во споредба со претходната година.

Неодамна заменичката помошничка секретарка за визни услуги во Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, Џули Стафт, рече дека во фискалната 2024 година ќе се фокусираат на скратување на времетраењето за добивање одговор за виза.

„Го намаливме времето на чекање во сите категории ширум светот, освен една, категоријата за посетители кои доаѓаат првпат“, рече таа, која наведе дека станува збор за повеќе од 20 различни видови на визи.

Од 4 декември, чекањето одговор за кандидатите за студентска виза од Кина варира од три до осум дена, во зависност од американските конзулати во Кина.

За сите други земји, Стафт вели дека времето на чекање е „толку кратко што не мора ниту да го следиме“.

Шон Жан од Кина го поминал процесот за виза и сега студира во САД. Тој за Гласот на Америка рече дека процесот за виза е сложен и има „многу документи“.

„Постојано поминувате низ проверки, полагав ТОЕФЛ... Земав многу вакцини. Но, сето тоа вреди ако сте одлучни да дојдете“, рече тој.

Жан е во својата последна студентска година на Универзитетот во Мериленд.

Според Извештајот Отворени врати 2023 за странска образовна размена, вкупниот број на студенти од Кина се намали во последните три години, најмногу поради пандемијата.

Во 2022-2023 година имало 289 526 студенти од Кина, што претставува најмал број на студенти споредбено со 2013-2014 година кога имало 274 439 студенти од Кина во САД. Највисокиот број на уписи за студенти од Кина е забележан во 2019-2020 година, кога се запишале 372 532 студенти.

„Видовме благо зголемување на студенти на постдипломски студии“, рече Мирка Мартел, раководител на истражување, евалуација и учење на Институтот за меѓународно образование.

Официјален претставник на Стејт депарментот во писмен одговор за Гласот на Америка рече дека забележале враќање на странските студенти во САД по пандемијата со раст кој надминува 14 проценти на уписите минатата година.

Официјалниот претставник рече и дека американската влада е „посветена да го олесни легитимното патување во САД додека одржува високи стандарди за национална безбедност“.

Жан рече дека добил убави впечатоци на почетокот во САД. Тој бил пречекан од семејството кај кое престојувал.

„Тоа дефинитивно ми помогна да се прилагодам на јазикот и околината. Луѓето се добри“, рече тој.

XS
SM
MD
LG