Линкови за пристапност

Тргнале во потрага по подобар живот: Филипинците Џефри и Мери се меѓу првите странски работници во Охрид


Џефри и Мери Џејн од Филипини се меѓу првите странски работници, кои од неодамна почнаа да работат во еден од локалните угостителски објекти во Охрид
Џефри и Мери Џејн од Филипини се меѓу првите странски работници, кои од неодамна почнаа да работат во еден од локалните угостителски објекти во Охрид

Недостатокот од домашен кадар, угостителите од Охрид почнаа да го надополнуваат со носење персонал од странство. Џефри и Мери Џејн од Филипини се вработиле во охридски ресторан. Велат дека дошле за подобри плати од дома.

Џефри и Мери Џејн од Филипини се меѓу првите странски работници, кои од неодамна почнаа да работат во еден од локалните угостителски објекти во Охрид. За Гласот на Америка велат дека пониските плати во нивната држава ги натерало да бараат подобри услови, илјадници километри далеку од семејствата.

„Се одлучив да работам во Македонија, затоа што е убаво место. Охрид е убаво место, најдоброто место за туристи.Јас сум многу среќна, како Филипинка што работам овде. За сега сме малку луѓе од Филипини, кои работиме во ресторанот. Да, платата е добра. Затоа што, ако платата не е добра, не би дошла во Македонија“, вели Филипинката Мери Џејн Пагота.

Платата е добра. Затоа што, ако платата не е добра, не би дошла во Македонија.
Мери Џејн Пагота, Жителка на Филипини

„Сметам дека местото е добро. Секако, дека ме привлече и работата. Патуваме илјадници километри оддалечени од семејствата, така што ова е еден вид и жртва. Ѝ се извинувам на мојата држава, но подобро е да се работи овде. Ти даваат вакви можности и она што е интересно овде е опкружувањето. Овие луѓе се извонредни“, вели Филипинецот Џефри Пили.

Велат дека има многу Филипинци, кои сакаат да дојдат и да работат овде.

„Да, има многу луѓе, затоа што мојот претходен шеф беше прв кој почна да работи со Филипинци. Тој сака да отвори бизнис овде и да донесе уште повеќе Филипинци да работат овде, во Македонија. Претходно работев во Србија, во Белград. Taму бев една година и седум месеци и потоа дојдов во Македонија“, вели Мери Џејн.

Ѝ се извинувам на мојата држава, но подобро е да се работи овде, овие луѓе се извонредни
Џефри Пили, Жител на Филипини

„Да, има многу луѓе кои сакаат да одат во странство. Всушност, има еден човек кој ме прашува како да дојде овде во Македонија. Но, му реков дека засега тоа не е можно, затоа што сега е зима и има многу време до летото. Можеби ќе дојде на лето, затоа што на лето има многу работа. Кога станува збор за син ми, сакам и него да го донесам овде. Планирам на лето, но не знам, требаат многу пари и не е лесно да се излезе од Филипини“, објаснува Џефри Пили.

Игор Целески, менаџер на ресторанот „Лихнидос“ вели дека било многу тешко да се донесат овие луѓе.

„Најтешко е прво да ги најдеш како профил. Второ треба да ги најдеш правите, па се оди со лична биографија, со препораки, барање преку разни пријатели. Периодот е многу долг. Сме во потрага по уште двајца-тројца“, вели Игор Целески, менаџер на ресторан.

Недостигот од угостителски кадар во Охрид и во другите туристички места најмногу се чувствува во лето
Недостигот од угостителски кадар во Охрид и во другите туристички места најмногу се чувствува во лето

Смета дека државата треба да ги поедностави административните процедури за нивно носење, бидејќи во периодот кој следи, ќе има се поголема потреба од ваков кадар, кој ќе го надополни недостатокот на работници во угостителскиот сектор, а кој масовно заминува на работа во Хрватска. Само лани тој број бил 10.000 лица.

„Премногу има преводи на сите документи. Премногу нивни дипломи треба да стигнат. Па ако некој документ фали, тоа сè уште дополнителни 15 дена. Угостителите, туристичките работници и сите што имаат потреба треба да седнеме да ги споиме тие барања и искуства и да имаме некој резултат. Бидејќи мислам дека ќе се бараат сè повеќе и повеќе вработени“, додава Целески.

Работници од Филипини во Охрид
Работници од Филипини во Охрид

Угостителите бараат државата да ја зголеми и квотата за увоз на работници од странство, со што ќе го намали проблемот со кој сега се соочуваат. Ако лани бројот на издадени дозволи бил 4.300, годинава е 5.000. Но, најголем дел од нив работат во градежниот сектор.

Џефри и Мери Џејн, откако ги добија сите потребни дозволи, сега работат на приготвување на храна. Се надеваат дека покрај македонски јадења, во менито ќе вклучат и специјалитети од нивната кујна. Допрва велат ќе го запознаваат Охрид и локалните жители.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG