Откриени се „нечовечки“ биолошки материи од урнато вселенско летало. Ова на сведочење во Конгресот го кажа поранешниот разузнавач Дејвид Груш. Прашан од претставничката во Конгресот Ненси Мејс дали владата „имала контакт со интелигентни вонземјани“ тој одговори дека за тоа не може да коментира на јавно сослушување.
Оваа снимка наводно покажува неидентификувано летало забележано на небото на планетата Земја. Детали за локацијата и движењето на леталото не беа обелоденети. Видеото е направено од Командата на поморските воздухопловни системи на САД.
За ова видео, пак, локацијата е над Јужна Азија.
Во Претставничкиот дом поранешните воени пилоти и разузнавачот сведочеа дека чести се инцидентите со необјаснети летачки објекти и ги оценуваат како закана за националната безбедност.
Груш, запрашан дали владата на САД има докази за вонземјани, или необјаснети форми на разузнавање, и ако има, кога за првпат такви информации се собрани, одговори:
Не би го користел терминот „нечовечки“.Дејвид Груш, поранешен разузнавач
„Јас би го користел терминот „нечовечки“, не сакам да означувам потекло... Веќе имам кажано дека за првпат тоа е забележано во 1930-тите години“, рече Груш.
Свиркачот Рајен Гревс кој со децении бил пилот во американската морнарица рече дека пилоти известувале за забележани неидентификувани летала, кои биле на околу 12 километри оддалеченост и правеле необјасниви маневри во воздухот.
Гревс сподели информации дека овие случаи биле пријавени во областите на Хаваите и Атлантикот. Гревс тврдеше дека дел од владата знаат повеќе за овие појави отколку што кажуваат во јавноста, затоа што праксата на класификација на овие документи ги држи во тајност клучните информации.
Сите видеа од неидентификувани воздушни феномени се класифицирани како тајни.Рајен Гревс, поранешен пилот на американската морнарица
„Од 2021 година, сите видеа од неидентификувани воздушни феномени се класифицирани како тајни. Ова ниво на тајност не само што го попречува нашето разбирање, туку и поттикнува шпекулации и недоверба“, кажа тој.
Гревс во 2014 година бил стациониран во Поморската воздухопловна станица Океана во Вирџинија Бич, во сојузната држава Вирџинија. Тогаш управувал со борбениот авион Ф-18, а откако биле направени надградби на авионските радари, пилотите забележувале непознати објекти низ воздушниот простор на САД. За време на воена вежба на 16 километри од брегот на Вирџинија Бич, вели дека два од борбените авиони Ф-18 биле разделени од неидентификуван воздушен феномен.
„Објектот, темно-сива или црна коцка во внатрешноста на транспарентна сфера, дошол на 15 метри од водечкиот авион и се проценува дека бил со дијаметар меѓу еден и 5 метри. Командантот на мисијата веднаш го прекина летот и се врати во базата. Беше поднесен извештај за безбедноста, но немаше официјално признание за инцидентот и немаше понатамошен механизам за известување за тоа што беше видено“, додаде Гревс.
Пензионираниот командант на американската морнарица Дејвид Фравор рече дека на ведро небо забележале чудни движења додека биле во борбените авиони Ф-18.
Додека се свртевме со авионот објектот забрза и исчезна.Дејвид Фравор, пензионираниот командант на американската морнарица
„Додека се свртевме со предниот дел на авионот на речиси еден километар од него, објектот забрза и исчезна. Пилотот на авионот за поддршка, исто така изгуби контакт. Веднаш се свртевме назад и веќе немаше ништо од тоа што го видовме. На враќање контролорот на летање ми пријде и рече: 'Нема да верувате, но ова го видовме на околу 96 километри растојание'“, кажа Фравор.
Така е дојдено до снимката која беше прикажана и на сослушувањето во Конгресот.
Координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби минатата недела рече дека неидентификуваните летала имаат влијание на обуката, бидејќи пилотите ги гледаат овие работи, а не се сигурни што се.
Сведоците во Конгресот запрашани дали се согласуваат со ова, сите одговорија потврдно.