Линкови за пристапност

Во израелски напад загинаа најмалку 60 лица во северниот дел на Газа


Хезболах именува нов лидер.
Хезболах именува нов лидер.

Палестинските здравствени власти соопштија дека израелски воздушен напад во вторникот погодил петкатна станбена зграда во северниот дел на Газа, при што загинале најмалку 60 луѓе.

Нападот се случи во Беит Лахија, каде што официјалните лица соопштија дека 17 други лица се исчезнати по нападот.

Засега нема коментар од израелската војска.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го критикуваше законот усвоен од израелскиот парламент со кој се забранува главната агенција на ОН за помош на Палестинците, УНРВА.

Законот треба да стапи на сила за 90 дена, за кој Гутереш рече дека „може да има катастрофални последици“ за палестинските бегалци.

Во изјавата доцна во понеделникот, Гутереш го повика Израел да ги исполни своите обврски според меѓународното хуманитарно право и рече дека националното законодавство „не може да ги промени тие обврски“.

„Имплементацијата на овие закони ќе биде штетна за решавањето на израелско-палестинскиот конфликт и за мирот и безбедноста во регионот како целина. Како што реков претходно, УНРВА е незаменлива“, рече Гутереш.

Шефот за хуманитарна помош на ОН, Волкер Турк, го нарече потегот на Израел „длабоко вознемирувачки поради многу причини – со потенцијални страшни влијанија врз човековите права на оние кои зависат од помошта на УНРВА“.

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека израелскиот закон е јасно кршење на меѓународното право.

„Правна и морална обврска на меѓународната заедница е да заземе силен став против обидите да се забрани УНРВА, која беше основана со резолуција на Генералното собрание на ОН“, соопшти Министерството.

Генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, во понеделникот рече дека законот „поставува опасен преседан“.

„Ова е најновата во тековната кампања за дискредитација на УНРВА и делегитимирање на нејзината улога во обезбедувањето помош и услуги за човечки развој на палестинските бегалци“, напиша тој на платформата за социјалните медиуми X.

Израел обвини десетици вработени во УНРВА дека се членови на Хамас, а некои за учество во терористичките напади на 7 октомври 2023 година. УНРВА соопшти дека презела акција против десетина вработени за кои Израел доставил докази во врска со нивната вмешаност во терористичката група. Меѓутоа, во десетици други случаи, УНРВА добила или недоволни или никакви докази од израелските власти

Лидер на Хезболах

Милитантната група Хезболах со седиште во Либан во вторникот објави дека шеикот Наим Касем е нејзиниот нов лидер, по убиството на долгогодишниот лидер Хасан Насрала во септемвриски израелски воздушен напад во Бејрут.

Во соопштението на Хезболах се вели дека Советот на групата Шура го избрал Касем и дека милитантите ќе ја продолжат политиката на Насрала.

Касем служеше како заменик лидер на Хезболах повеќе од три децении.

Хамас и Хезболах се терористички групи назначени од САД.

Последниот конфликт во регионот започна кога милитантите на Хамас убија 1.200 луѓе и заробија околу 250 заложници во нивниот напад на Израел на 7 октомври 2023 година. Израел вели дека верува оти Хамас сè уште држи 101 заложник, вклучително и 35 за кои војската вели дека се мртви.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 43.000 Палестинци, според Министерството за здравство на територијата, а Израел вели дека бројот на загинати вклучува илјадници милитанти.Израелската кампања опустоши голем дел од Појасот Газа, додека борбите и израелските наредби за евакуација раселеа околу 90% од населението на Газа од 2,3 милиони луѓе.

Дописничката на Гласот на Америка на ОН, Маргарет Бешер, даде свој придонес во овој извештај. Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG