Продолжуваат пресметките меѓу израелските трупи и милитантите на Хамас во Појасот Газа додека се зголемува притисокот врз палестинските цивили кои се соочуваат со потешкотии да најдат засолниште и пристап до хуманитарна помош.
Израелската војска денеска соопшти дека изминатиот ден извршила воздушни напади врз околу 250 цели во Појасот Газа.
Обединетите нации известија за значително интензивирање на израелските бомбардирања на Газа од понеделник попладне, заедно со интензивните копнени борби, како и зголемувањето на ракетните истрели од палестинските милитанти кон Израел.
Израелските воени претставници изјавија дека нивните сили го опколиле јужниот град Кан Јунис, вториот по големина во Газа.
Проширувањето на војната во јужна Газа следеше по првичното фокусирање на областите на север, вклучувајќи го и градот Газа. Исто така, следеше неколкунеделни наредби на израелската војска за цивилите да се преселат на југ со цел да се држат настрана од борбите.
Но, со намалување на слободниот простор во Појасот Газа и затворените граници со Египет и Израел на југ и исток, просторот на располагање за луѓето во кои жителите на Газа може да се чувствуваат безбедни се намалува.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци вели дека околу 1,9 милиони луѓе се раселени во Газа, што е речиси 85 отсто од населението, а еден милион од нив се регистрирани во засолништата на ОН во јужниот дел на Газа.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања доцна во вторникот соопшти дека трет последователен ден, областа Рафах во јужниот дел на Газа е единственото место каде што може да се дистрибуира помош поради борбите на другите места.
„Никаде не е безбедно во Газа“, рече координаторот на ОН за итна помош Мартин Грифитс. „Не болница, не засолништа, не бегалски кампови. Никој не е безбеден. Таквото бесрамно непочитување на основните човекови права мора да престане. Борбата мора да престане“.
Израел го обвини Хамас дека се вградува во и под болниците и другите цивилни области и ги охрабрува цивилите да ги игнорираат израелските предупредувања за евакуација пред воздушните напади, всушност користејќи ги како жив штит, обвинение кое Хамас го негираше.
Во својата воена офанзива, Израел уби најмалку 16.240 луѓе во Газа, од кои 70 отсто се жени и деца, според Министерството за здравство на Хамас во Газа.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.