Единствен на кој што можеби му одговара влада со слаб и уценет премиер и со неколку политички партии внатре е Али Ахмети, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски во интервју за Гласот на Америка, по неуспехот на иницијативата за гласање доверба на влада.
Глас на Америка: Кој е фокусот на опозицијата откако не успеа да ѝ изгласа недоверба на Владата на Заев?
Мицкоски: Покрај силна и конструктивна опозиција потребна е силна и конструктивна власт. Примерот кој што вие го споменувате е класичен пример на неконструктивна власт и можеби единствен во светот. Јас не можам да се сетам на друг пример каде што власта сама се бојкотира. Замислете ако вака опозицијата или власта во Конгресот или Сенатот се бојкотираат меѓусебе заради тоа што некои политики на едната или другата не им се допаѓаат или за барање доверба како што беше во случајот. Навистина ова за мене беше шокантно и уште сум вчудоневиден од односот на власта, која што уште еднаш покажа дека е се` само не конструктивна. Ние како опозиција продолжуваме да ги користиме сите демократски мерки и алатки кои што ни стојат на располагање. Истовремено, во најголем дел од општините во Македонија или имаме градоначалници и мнозинство во Советот, или пак сме дел од тие мнозинства. Ќе се обидеме да покажаме на граѓаните и со дело и во пракса како е кога ВМРО-ДПМНЕ работи, како е кога го исполнува ветеното. И она што е многу важно е да работиме чесно, бидејќи нема време и можности за дополнителни импровизации. Триесет години народот е поделен. Време е да почнат промените, време е да создаваме нова иднина и она кое што го ветуваме заедно со заедничкиот патриотизам. Така што добрите времиња за граѓаните на Македонија допрва следуваат и не треба да се обесхрабруваат. Ние се обврзавме и ветивме напорна, чесна и посветена работа, и така и ќе продолжиме.
Глас на Америка: Дали евентуалното заминување на Алтернатива во актуелната Влада ќе значи крај на опозицискиот блок, а со тоа и крај на најавите за предвремено рушење на власта?
Мицкоски: Одлуката е на Алтернатива. Ако тие ценат дека е таму иднината на нивната партија, тогаш тие си имаат раководство, органи, имаат поддржувачи и претпоставувам имаат и аргументи зошто тоа би го направиле или не би го направиле. Она што јас сакам да го кажам и што е вредно да се спомене е дека единствен на кој што можеби му одговара таква влада со слаб премиер и уценет премиер, и со неколку политички партии внатре е Али Ахмети и ДУИ. И ова недвојбено го потврдува фактот на нивната заложба за време на претходните предвремени парламентарни избори за премиер да дојде на предлог на ДУИ. Можеби ДУИ во случајот не го дава мандатарот. Сепак, формално тоа ќе го даде СДСМ и се` уште Зоран Заев. Но, суштината и вистината, односно праксата покажува дека оваа влада е влада на ДУИ. И затоа велам дека ваквиот развој на настаните и она што претходеше на овој развој на настаните му одговара исклучиво на еден човек, а тоа е Али Ахмети и ДУИ, а не одговара на големо мнозинство на македонски граѓани, кои што не се согласуват со политиките на Али Ахмети и ДУИ, посебно во делот на борбата против корупцијата и криминалот, кои што морам да признаам дека во нивните редови се раширени.
Глас на Америка: Дали мислите дека е реалистично отпочнувањето на преговорите со ЕУ во декември, и дали тоа за вас е чекор во добра насока?
Мицкоски: Апсолутно, и апелирам до нашите сојузници, конечно да се даде тоа зелено светло на Македонија да го почне овој процес на преговори. Ќе ве потсетам во 2000 година го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација во Загреб, во 2005 година станавме кандидати, од 2008-2009 наваму имаме многу позитивни извештаи од Европската комисија за почеток на преговорите. Претходно ни беше оспорувано едно елементарно право, сега ни се оспорува друго елементарно право, но тоа не треба да биде изговор за конечно да не се даде датум за отпочнување на преговорите на ЕУ со Македонија. И јас апелирам и инсистирам, доколку постојат и малку луѓе со европски вредности кај нашиот источен сосед, да ги напуштат нивните хегемонистички барања и да овозможат на нивниот прв сосед во случајот Македонија, да ги почне преговорите.
Глас на Америка: Како го толкувате писмото од конгресмените на САД до бугарскиот амбасадор во Вашингтон, со кое бараат Бугарија да го тргне ветото за преговори на земјава со ЕУ?
Мицкоски: Тоа е дел од низата на исти тонови кои се слушаат изминатиот период. Toa e писмо од конгресмени од нашиот стратешки партнер. Стратешкото партенрство помеѓу Македонија и САД датира од 2008 година, уште тогаш е потпишано. Тоа е во насока на она што ние го зборуваме. Благодарни сме за поддршката и таа поддршка не треба да има точки и запирки. Треба да е во една насока, а тоа е веднаш да биде тргнато ветото, без дополнителни условувања, дали ова или дали тоа треба да се исполни од Македонија. Доволно овој народ направи отстапки, доволно Македонија направи отстапки. Сега е време да го испорачуваат тоа што е ветено.
Facebook Forum