Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието


Партијата ќе бара интерпелација на Владата

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, го прекинува бојкотот на Парламентот, и се враќа во собраниските клупи со интерпелација на Владата.

Одлуката беше донесена на седницата на Извршниот и Централниот комитет на партијата, која се одржа вчеравечер во седиштето на партијата.

Лидерот на партијата Хрстијан Мицкоски ја потврди одлуката, и соопшти дека веднаш ќе се бара интерпелација на Владата, која ја оцени како најнеспособна во историјата на независна Македонија.

„Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување на прашање за гласање недоверба на Владата, бидејќи од она што досега видовме, се работи за Влада со изгубен кредибилитет, која не работи за граѓаните, и која ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржана Влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо, толку подобро за државата. Поразите станаа секојдневие, а голиот популизам нејзино обележје. Во реалноста народот живее многу полошо“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е постигнат договор со Владата за голем дел од реформските закони, кои се приоритет за државата, но, и оти ќе бараат писмена гаранција за нив

„Преговорите за реформските закони се во финална фаза. Постигната е согласност за поголемиот дел од нив, и беа прифатени голем дел од наши забелешки и укажувања за подобрување на законите. По целосно финализирање, кое се надевам ќе биде готово следниве денови, ќе инсистираме да се добијат и писмени гаранции. Имајќи предвид со кого имаме работа, и познавајќи ги нивните слаби капацитети, постои опасност овие закони да останат само на хартија. Затоа ние со лупа, преку Собранието, ќе ја следиме нивната имплементација“, додаде Мицкоски.

Тој додаде и дека пратениците од неговата парија нема да дозволат да се изгласа ниту еден закон, кој ќе биде на штета на граѓаните, посочувајќи неколку закони кои беа донесени во отсуство на опозицијата, како Законот за државна администрација, според кој, се создава можност за партиски реваншизам.

Одлуката за прекин на бојкотот ја поздрави премиерот Зоран Заев, а вклучувањето на опозицијата во работата на Собранието, според него, води кон функционална демократија.

Тој додаде и дека дијаголот со опозицијата оди во добар правец.

Околу најавите за интепелација на Владата, и барањето на опозицијата точката да биде ставена на дневен ред пред седницата за рефорсмките закони, премиерот оцени дека тоа е легитимно право на опозицијата, но, оти истовремено мора да се води грижа и за законите што треба да бидат донесени во предвидениот рок.

ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието по повеќе од три месеци бојкот. Бојкотот беше поради притворот за шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во врска со настаните од 27-ми април или таканаречениот „Крвав четврток“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG